Инфлацијата може да се држи под контрола

За прашањето со инфлацијата не треба да се крева паника, смета академик Таки Фити. Неговите проценки се дека Централната банка има механизми за да ја држи инфлацијата под контрола, а целта за оваа година е 2,7 насто. Смета дека домашните политики се добро поставени, а порастот на цените кај нас, според академикот, е наметнат од светските трендови на зголемување на цената на енергенсите.

„Зголемената побарувачка ја зголемува цената на сите енергенси, а второ се повеќе се оди на зелена енергија и има нови технологии кои се малку поскапи“, вели академик Таки Фити.

Поранешниот министер за финансии Трајко Славески не се согласува дека Владата води добри економски политики. Тој вели дека најавеното замрзнување на цените при истовремен пораст на платите е невозможна комбинација во сегашните околности на умерено висока инфлација.

„Овој наивен или можеби пресметан популизам од страна на г-динот Заев води кон опасната спирала на раст на цените и платите. Исходот ни е познат од минатото – платите секогаш и по правило ја губат трката со цените! Тоа го гледаме со свои очи“, нагласи Славески.

Претходно од Владата соопштија дека во соработка со приватниот сектор будно ќе ги следат состојбите за да нема драстични поскапувања на прехрамбените производи. Министерот Битиќи уверува дека инфлацијата е во рамките на планираното и во ранг на земјите членки на Европската унија.

Анита Димитријевска Велковска

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното