Македонија

Инфлацијата зема 1000 денари плус од платата

Ако лани ова време сте трошеле 24 илјади денари, сега за истите работи ќе треба да потрошите 1000 денари повеќе. Според Државниот завод за статистика, трошоците за живот во октомври годинава се за 4,1 отсто повисоки од истиот месец лани. Храната е поскапена за 4,6 проценти, а транспортот за 18 отсто. На пример, маслата се поскапени за 25 отсто, зеленчукот за 12 отсто, а гасот и горивата за над 30 проценти.

Според нив, и просечната плата е зголемена за 4 отсто, односно за 1100 денари, од 27.535 на 28.642 денари.

Народната банка на Македонија вчера изврши корекција на инфлацијата за годинава на 3,1 отсто од априлската проекција од 2,2 отсто. На почеток на годинава Народната банка очекуваше инфлацијата годинава да биде 1,5 отсто.

Поранешниот гувернер на Народната банка, професор Љубе Трпески за РСЕ посочува дека граѓаните веќе ја чувствуваат инфлацијата на свој грб.

Тој додава дека сепак инфлацијата сè уште се наоѓа под контрола, и кај нас и во светот, и затоа не треба да се крева паника.

„За обичниот граѓанин тоа значи поскапување на одредени намирници, особено ако се оствари најавеното поскапување на струјата, сето тоа ги зголемува трошоците за живот. Ако се сеќавате, пред 20-30 години инфлацијата дневно растеше колку што сега расте на годишно ниво, така што нема потреба од паника. Народната банка има инструменти да ја контролира, ама тоа треба заедно со буџетот, со Министерството за финансии да го прави“, вели Трпески.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни