На улицата „Јуриј Гагарин“ во Нов Белград, непозната жена удрила студентка со своето возило откако влетала во група насобрани граѓани за време на протестот.
Полицајци во цивилна облека, кои ги придружувале учесниците на протестот, веднаш ја запреле жената, која се обидела да избега од местото на настанот.
Според очевидци, возачката најпрво ги удрила редарите на почетокот на колоната, продолжувајќи понатаму и нанесувајќи повреди на уште неколкумина. Во хаотичната сцена, жената со автомобилот исфрлила настрана неколку полицајци, додека на хаубата носела тешко повредена девојка.
Српските медиуми јавуваат дека повредената девојка е свесна и е згрижена од екипа на Брза помош. Нејзината состојба е оценета како сериозна.
Денеска во Србија се одржува генерален штрајк, кој студентите го најавија претходните денови. Во блокадата, покрај универзитетите, се вклучија и дел од основните и средните училишта, компании, културни институции, угостителски објекти, мали претпријатија, организации и синдикати од јавните претпријатија и градските администрации.
Граѓаните масовно се собираат низ градовите во Србија за да ја изразат својата поддршка за барањата на студентите, кои се во центарот на вниманието на јавноста.