Тројца членови на навивачката група Комити биле приведени пред почетокот на ракометното дерби меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар, одиграно вчера во Битола. Според полицијата, при нивното влегување во салата дошло до нарушување на јавниот ред и мир и физички напад врз полициски службеници. Претходно имало и инцидент меѓу навивачите на двете ривалски групи – Комити и Чкембари.
Подоцна, бил приведен и навивач на Еурофарм Пелистер, поради агресивно однесување и провокации насочени кон групата Комити.
„На 10.12.2025 во 18:45 часот, на влезот од спортската сала ‘Боро Чурлевски’ во Битола, полициски службеници ги лишија од слобода П.Н.(20), Н.А.(24) и Д.М.(24), сите од Скопје. При нивниот обид да влезат на ракометниот натпревар, бил нарушен јавниот ред и мир, а тие физички нападнале неколку полициски службеници кои вршеле службени дејствија.
Во 19:20 часот, на истиот влез, полициски службеници го лишија од слобода и Н.Ѓ.(34) од Битола поради агресивно однесување и повикување на насилство. По целосното документирање, против сите лица ќе следуваат соодветни поднесоци“, соопшти СВР Битола.
На една од снимките од натпреварот се гледа девојче од публиката со повреда на лицето, кое ја напушта трибината. Според првичните информации, таа била погодена од монета фрлена од делот каде што биле сместени навивачите на Комити.
Натпреварот заврши со победа на Еурофарм Пелистер над Вардар со 28–23 во рамки на 16. коло од Суперлигата.