Со стартот на изборната кампања партиите почнаа да ги емитуваат и нивните изборни спотови преку кои, како што очекуваат, најсилно ќе допрат до избирачите. Јавноста сепак најмногу беше преокупирана со спотот на ВМРО-ДПМНЕ со свитканата кичма наречена Исправи се Македонијо, за која на социјалните мрежи вриеше од коментари. Спотот предизвика и креативност кај дел од нив – првиот предизборен спот на ДПМНЕ….за свиткана кичма, купи си космодиск. Делува шашаво, ама функционира. Некои пак велат дека ги потсетува на зомби, но се коментираше и делот кога Мицкоски ја допира раката на жена која бутка количка со бебе – Овој дел ми е омилен… Од нигде никаде и приоѓаш на жена со бебе во количка и нежно ја фаќаш за раката… Топење…
„Во 2008 година Зоран Зев рече – треба да си ја свиткаме кичмата. За само три години полни со неуспеси и понижувања Заев и неговата Влада го направија кажаното. Тоа беше единствениот пат кога нешто најави и оствари“, стои во спотот на ВМРО-ДПМНЕ.
Дел од јавноста оценува и дека ваквиот спот со свиткани луѓе е навредлив за лицата со хендикеп и дека има лоша порака. Здружението „Хендикеп Плус“ преку соопштение реагираше и нагласува дека моментот со свитканите лица на спотот директно ги навредува лицата со хендикеп.
„Во предизборниот спот на партијата ВМРО-ДПМНЕ наречен Исправи се Македонијо, една од интерпретациите на содржината на спотот директно се однесува на можноста лицата кои имаат посебни потреби да бидат прикажани во понижувачки контекст, во деградирачка и навредлива позиција наспроти сите други“, велат од здружението „Хендикеп Плус“.
Споредбата од владеењето на Никола Груевски со актуелните состојби е искористено за спотот на СДСМ со пораката – Во каква земја сакате да живеете. На нивната фејсбук страна пак се одбројуваат и деновите до изборите.
Но, во налетот на кампањата се прават и гафови….наместо можеме, не можеме повеќе
„Почитувани граѓани, за три години направивме пресврт на подобро. Државата ја извадивме на пат но не можеме уште повеќе и уште подобро во наредниве 4 години“.
Во голем дел од спотовите на ДУИ не е запазена законската обврска да нема учество на деца. ТВ21 ги замагли лицата на децата, но во оригиналниот спот тие се јасно снимени. За ова реагираа од Агенцијата за медиуми од каде велат дека вакви спотови во кои има учество на деца се забележани дека се емитуваат во неколку телевизии.
„Агенцијата констатираше дека повеќе телевизии, спротивно на член 76 став 3 од Изборниот законик емитуваа платено политичко рекламирање во кое учествуваат малолетници. Потсетуваме дека за содржината на платеното политичко рекламирање одговорноста е кај нарачателите, но радиодифузерите се одговорни за законитоста на неговото емитување“, велат од АВМУ.
Засега Алијанса на Албанците и Алтернатива се уште немаат промовирано изборен спот . Тие вечерва се во Тетово на која ќе одржат промотивна конвенција, на која ќе ги претстават кандидатите за пратеници.
.