Македонија

Инвестиција во секторот за енергетика, Владата ќе финансира 200 мегавати фотоволтаични електрани

Владата ќе финансира 200 мегавати фотоволтаични електрани, согласно новата владина мерка за поддршка во користењето на сончевата енергија, нешто што се овозможува со новиот Закон за енергетика.

Ова мерка денеска ја претставија вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши, а нејзина цел е подобрување на условите за инвестирање и јакнење на конкуренцијата во енергетскиот сектор, особено за поттикнување на поголемо производство на електрична енергија од обновливи извори.

Анѓушев рече дека Република Северна Македонија досега, иако е одлична дестинација за сончева радијација, има изградено само 18,4 мегавати инсталирана моќност во фотоволтаици, и затоа, како што рече, е многу важно интензивно да започнеме со развивање на оваа дејност, на транспарентен начин, согласно однапред пропишани процедури.

„Идејата е да се изградат 200 мегавати поддржани од Владата, поддршката ќе биде согласно премиум тарифите, тоа значи дека сите инвеститори на фотоволтаични електрани својата електрична енергија ќе ја продаваат на слободниот пазар, а од државата ќе бидат потпомогнати со т.н премиум, што функционира во сите развиени земји во Западна Европа, и тој премиум на крајот на годината ќе биде плаќање, за да овие проекти бидат пофизибилни и поисплатливи за идните инвестирори“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Вицепремиерот посочи дека премиумот ќе биде и критериум на тендерот, што ќе биде транспарентен, а аукцијата ќе биде електронска, со негативно наддавање. Тоа, според него, значи дека секој што ќе сака да инвестира во фотоволтаична електрана, ќе има два модела, ќе може да учествува на аукција со претходно задоволени технички минимални критериуми што нема да бидат многу строги, со цел да се отвори поширок фонд на инвестиции.

Анѓушев додаде дека ќе се овозможи и изградба на електрани на приватно земјиште со вкупна инсталирана моќност од 27 мегавати, за помали инвеститори кои планираат електрани од 0-200 киловати, од 200-500 киловати, од 500-1.000 киловати и од 1.000 до 3.000 киловати.

Од друга страна, министерот за економија, Крешник Бектеши изјави дека е креирана и усвоена Програма за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премии. Според него, во иднина предвидено е да има фотоволтаични електрани и во албанските општини.

„Земени се предвид локациите кои имаат решени имотно-правни прашања до моментот на објавување на огласот или поставувањето на овие локации во тендеркса постапка. Се разгледуваат и локации во општини кои се водат од Албанци градоначалници, но не е важно во кои општини ќе се градат“, истакна министерот за економија, Крешник Бектеши.

Бектеши најави дека наскоро ќе биде објавен јавниот повик за изградба на фотонапонски електроцентрали со користење на премија на локации за кои веќе е утврден потенцијал за производство на електрична енергија, а воедно ќе бидат доделени и посебни премии на приватни земјишта преку транспарентна и конкурентна процедура.

РЕПОРТЕР: МЕВЉУДИН ИМЕРИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни