Македонија

Инженерите предупредуваат: Не дозволувајте брзата пруга да го „поткопа“ проектот „Вардарска долина“

Инженерите предупредуваат: Не дозволувајте брзата пруга да го „поткопа“ проектот „Вардарска долина“

Стручната фела јавно алармира: новата брза железничка линија Табановце – Гевгелија, за чија реализација Владата денеска формира координативно тело, не смее да минува низ трасата предвидена за хидроенергетскиот мегапроект „Вардарска долина“.

Во претставка поднесена до Владата и Министерството за транспорт и врски, Инженерите на Македонија бараат трајно да се исклучи можноста пругата да влезе во „коридорот“ резервиран за 12-те планирани хидроелектрани долж Вардар. Тврдат дека таквата преклопеност би ја „заклучила“ шансата земјата да обезбеди долгорочна енергетска независност од обновливи извори.

„Хидроелектраните не се само инфраструктура – тие се зелена иднина, економска основа и средство за заштита од поплави,“ стои во претставката.
„Тековните планови за пругата, доколку се реализираат по постоечкиот коридор, трајно ќе ја оневозможат реализацијата на хидроенергетските капацитети. Тоа е стратешка грешка со неповратни последици по енергетската независност на државата.“

Инженерите нудат компромисно решение: корекција на железничката траса која, велат, е „технички изводлива“ и ќе овозможи паралелен развој и на модерна транспортна мрежа и на хидроенергетските постројки.

Зошто „Вардарска долина“ е клучна, според инженерите

  • Помала зависност од фосилни горива и стабилно снабдување со струја.
  • Акумулации и системи за наводнување што го зголемуваат земјоделскиот принос и штитат од поплави.
  • Контрола на ерозијата и зачувување на плодното земјиште.
  • Енергетска безбедност усогласена со европските зелени цели.

Во заклучокот од претставката стои и апел:

„Брзата пруга може и мора да се адаптира – само така ќе обезбедиме двата стратешки проекти да се реализираат без меѓусебни бариери. ‘Вардарска долина’ е колосек на нашата иднина.“

Од Владата и ресорното министерство засега нема официјален одговор на иницијативата.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни