Свет

Иран го нападна Оман, со кој има пријателски односи

Иран го нападна Оман, со кој има пријателски односи

Еден странски работник е повреден откако два дрона го погодија трговското пристаниште Дукм на источниот брег на Оман, објавија оманските државни медиуми во неделата, како што објави агенцијата Анадолија.

Државната новинска агенција ОНА, повикувајќи се на официјален извор, соопшти дека пристаништето, кое се наоѓа во градот Дукм во покраината Ал Вуста, било „цел на два дрона“.

Едно од дроновите погодило мобилна станбена единица за работници, повредувајќи странски работник, додека остатоци од другото паднале во близина на резервоар за гориво, без да предизвикаат жртви или материјална штета, рече изворот.

Дополнително, танкер за нафта бил нападнат утрово на околу пет наутички милји од брегот на Масандам во Оман, соопшти центарот за поморска безбедност на земјата. Четири лица се повредени во нападот, а целиот 20-член екипаж бил евакуиран. Бродот, наречен „Скајлајт“, го пловел знамето на Палау, мала островска нација во западниот Пацифик.

Во спасувачката операција учествувале морнарицата и армијата на Оман, што, според соопштението од центарот, ја одразува националната подготвеност за справување со поморски инциденти.

Ова е прв ирански напад врз Оман, кој постојано посредуваше во индиректни нуклеарни разговори меѓу САД и Иран и има релативно пријателски односи со Иран.

Оманските власти го осудија инцидентот, велејќи дека „преземаат сите потребни мерки за да се спротивстават на какви било дејствија што би можеле да ја загрозат безбедноста на земјата и оние што живеат во неа“, без да дадат дополнителни детали.

Нападот со беспилотни летала следеше по американско-израелскиот напад врз Иран и одмаздничките напади на Техеран.

Иран во неделата ја потврди смртта на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи и неколку високи функционери во израелските и американските напади врз земјата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни