Иран вели дека ги поддржува сите групи кои се борат против Израел

Командантот на силите на Ерусалим, одговорни за воено-разузнавачките активности на Армијата на Иранската револуционерна гарда во странство, бригадниот генерал Исмаил Каани, рече дека тие ги поддржуваат сите групи кои се борат против Израел.

Говорејќи на комеморативната церемонија одржана во Техеран по повод годишнината од смртта на поранешниот заменик командант на силите Ерусалим, Мохамед Хејази, Каани ги нападна Израел и Саудиска Арабија.

Каани рече дека Палестинците ги поддржуваат вооружените акции против Израелците во последните денови и дека овие акции ја откриваат виталноста на отпорот во Палестина.

Укажувајќи на балистичките ракетни напади извршени од Револуционерната гарда врз населба во ирачкиот град Ербил, за која се тврди дека е „тајната база на Мосад“, на 13 март, Каани рече:

„Ако нашите интереси бидат нападнати каде било во светот, ние сериозно ќе одговориме. Знаеме каде сте. Многу луѓе кои живеат во Ербил не знаеја за вашата база таму, но вие бевте под наш надзор. Ние сериозно ќе одговориме на ционистичкиот режим секаде каде што сметаме дека е потребно.Тие се премали за да се борат со нас“.

Во својот говор, Каани ја нападна и Саудиска Арабија преку војната во Јемен, „Саудиска Арабија мора да ја заврши оваа војна што е можно поскоро. Тие дури ги бомбардираа болниците и инфраструктурата на земјата во Јемен. Овие криминалци добиваат помош и од други криминалци околу светот, како што е ционистичкиот режим. Имаме цврсти докази за ова прашање“, рече тој.