Свет

Ирански производители на храна: Нема да има недостиг, произведуваме повеќе отколку што ни е потребно

Ирански производители на храна: Нема да има недостиг, произведуваме повеќе отколку што ни е потребно

Приватниот сектор во Иран е целосно подготвен да ги задоволи потребите за храна во сегашните околности, изјави Рашид Азизпур, генерален секретар на Здружението на прехранбена индустрија, предупредувајќи, сепак, дека повисоките трошоци за транспорт и енергија значително ќе влијаат на пазарот.

„Производствениот капацитет на иранската прехранбена индустрија ја надминува домашната побарувачка, а потребните суровини за производство во следните неколку месеци веќе се обезбедени“, изјави Азизпур за новинската агенција ИРНА, според извештајот во „Техеран тајмс“.

Производствениот капацитет на иранската прехранбена индустрија, додаде тој, отсекогаш бил значаен, благодарение на капацитетите на земјоделското производство и активното присуство на приватниот сектор.

„Од почетокот на наметнатата војна, во ниту еден момент не сме се соочиле со недостиг на прехранбени производи“, нагласи Азизпур.

Напад врз Иран и одмазднички напади

САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, а Техеран возврати со испукување ракети и беспилотни летала врз Израел и врз американските бази во земјите од Персискиот Залив.

Според раководителите на здружението, производите од прехранбената индустрија се испорачуваат во сите делови на Иран во доволни количини и нивната понуда до граѓаните е многу разновидна благодарение на децениите инвестиции од приватниот сектор.

Бидејќи производствениот капацитет ги надминува домашните потреби, може да се искористи и за развој на извозот, додаде Азизпур.

Суровините се обезбедени, фабриките работат без прекин

Прехранбената индустрија бара навремено снабдување со суровини бидејќи и производите и самите суровини се расипливи, истакна тој.

Значителен дел од суровините потребни за производство во следните неколку месеци веќе се обезбедени, главно од домашно производство, а фабриките во прехранбената индустрија продолжуваат да работат, без оглед на условите, нагласи лидерот на прехранбената индустрија.

„Со оглед на производствениот капацитет, нема да има проблеми во процесот на производство или во снабдувањето со храна во следните неколку месеци“, рече Азизпур.

Во врска со влијанието на војната врз цените на храната, тој предупреди дека во сегашните околности, зголемувањето на трошоците за транспорт и енергија ќе има значително влијание врз пазарот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни