Македонија

ИРЛ: Повеќето жртви во пожарот во Кочани не починале од изгореници, туку од труење со отровни гасови

ИРЛ: Повеќето жртви во пожарот во Кочани не починале од изгореници, туку од труење со отровни гасови

Поголемиот дел од жртвите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани не починале директно од огнот, туку од труење со отровни гасови, покажува истражувањето на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).

Според сведочења на преживеани и анализи на обдукциските наоди до кои дојде ИРЛ, дел од жртвите биле изнесени од објектот живи, без видливи изгореници, но подоцна биле пронајдени починати. Обдукциските извештаи, како што се наведува, укажуваат дека кај околу 50 жртви, претежно млади луѓе, причината за смрт е труење со јаглерод моноксид.

Сепак, концентрациите на јаглерод моноксид во крвта кај ниту една од жртвите не го надминувале фаталниот праг од 60 до 70 проценти. Кај најголемиот дел тие се движеле меѓу 10 и 30 проценти, што, според медицинските стандарди, се смета за лесна до умерена интоксикација и вообичаено не доведува до ненадејна смрт.

ИРЛ наведува дека клучен елемент недостасува во обдукциските извештаи – не е испитано присуството на цијаниди во крвта на загинатите. Обвинителството, според истражувањето, не дало јасен одговор дали ваква анализа воопшто била побарана од судската медицина.

Сведочењата на преживеаните укажуваат дека кратко по избувнувањето на пожарот во објектот почнал да се шири силен и невообичаен мирис на хемикалии. Дел од присутните почувствувале гушење, зашеметеност и неможност за движење, додека од запалениот плафон паѓале црни капки врз луѓето кои биле заглавени внатре. Седумнаесетгодишната Мелиса Велиова, како што пренесува ИРЛ, почувствувала дека ѝ се запалила косата иако во нејзина близина немало пламен.

Токсикологот Нико Беќаровски за ИРЛ објаснува дека смртта од јаглерод моноксид обично настанува по подолга изложеност, додека труењето со цијаниди делува значително побрзо.

„При труење со цијаниди настанува фактичка смрт на самата клетка, односно на клеточното дишење, и затоа времето до смрт е многу пократко. Доколку немало цијаниди, веројатно најголем дел од починатите ќе биле изнесени живи“, наведува Беќаровски.

Според ИРЛ, во дискотеката горел полиуретански сунѓер – материјал кој при согорување испушта водород цијанид, исклучително смртоносен гас. Полиуретанот, како што се посочува, никогаш не смеел да биде вграден во објект од ваков тип, но тоа требало да го утврдат надлежните инспекции.

Истражувањето укажува и на сериозни институционални пропусти: објектот имал заклучена помошна врата, прозорци затворени со лим и нефункционална вентилација, со што дискотеката, според ИРЛ, во критичните моменти се претворила во затворен простор исполнет со смртоносни гасови.

Дополнително, се посочува дека во Кочани со години немало инспектор за противпожарна заштита од Дирекцијата за заштита и спасување, а државата до денес не назначила таков инспектор. Правници со кои разговарала ИРЛ наведуваат дека доколку се утврди смрт од труење со цијанид, тоа значително го зголемува степенот на кривична одговорност кај обвинетите.

ИРЛ потсетува дека според светските медицински протоколи, при труење во затворен простор постои практика веднаш да се даде противотров за цијанид, дури и без лабораториска потврда, поради брзината со која делува овој отров. Сепак, како што наведуваат соговорници на ИРЛ, дел од неопходните антидоти со години недостасуваат во државата.

Во заклучокот од истражувањето, ИРЛ укажува дека по трагедијата не била преземена ниту морална, ниту политичка одговорност, а семејствата на жртвите не добиле финансиска поддршка од државата.

„И покрај сè, на граѓаните не им беше јасно и недвосмислено признаено дека системот потфрли“, се наведува во истражувањето.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни