Иселениците се враќаат во земјава за новогодишните и божиќните празници. Последнава седмица порасна бројот на патници на граничниот премин Табановце. Според податоците над 18.500 граѓани влегле на најпрометниот премин во земјава, а над 8.500 излегле од вчера од полноќ до денеска до 10 часот, информираат од Министерството за внатрешни работи. Од нив, влез оствариле 13.007 домашни државјани. Најголема фреквенција е регистрирана вчера во попладневните часови и во текот на ноќта.
На граничниот премин Табановце во моментов иако функционираат пет ленти, сепак метежот е голем.
Граѓаните коишто влегуваа во земјава за македонската телевизија раскажаа дека чекаат околу 15-20 минути. Укажуваат дека во земјава доаѓаат празниците да ги поминат со најблиските.
Дека во земјава се враќаат времено вработените во странство може да се забележи и од поголемата сообраќајна фреквенција, како и метежот низ трговските објекти, маркетите. Бројката се очекува да биде поголема уште наредните денови. Печалбарите вообичаено во земјава остануваат до Божиќ, по што се враќаат во земјите каде што живеат и работат.
Елена Георгиевска