Стефан Младеновски, обвинет за организирање на насилните настани во Собранието, во своја одбрана рече дека на 27 април добил наредби од другиот обвинет, Александар Василевски -Нинџа. Тој пред судското тело рече дека тој ден, околу 14:00 го повикале во ресторанот „Дион“ и му рекле оти денеска е денот за бранење на татковината. Според него, Нинџа дал наредба за да тргнат на протестот.
„На Кољо му се јавија, ни кажа да ставиме маски и дека ќе се влегува во Собрание. Кога стигнав пред прес – салата видов лице со вперен пиштол пред вратата, јас ги кренав рацете, се повлеков и се симнав накај пленарната сала, дека претходно Кољо им рекол на новинарите да не снимаат“ – Стефан Младеновски, обвинет.
Тој исто така рече дека екс – директорот на УБК, Владимир Атанасовски, додека бил на чело на тајната полиција, наредил да се нападне и Државната изборна комисија, доколку оваа институција не ги прифати приговорите на ВМРО-ДПМНЕ за предвремените парламентарни избори.
„Нинџа ни кажа дека ако ДИК ги одбие приговорите на ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да се упадне во ДИК и да се фрли молотови коктели. Таму беа неговите луѓе, кои добар дел беа вработени во неговиот кафиќ или кладилницата“ – Стефан Младеновски, обвинет.
Одбраната на двајцата браќа Младеновски, вели дека освен Стефан ќе сведочи и Михајло, кои заедно биле дел од топлата. Адвокатот Сашо Христовски, рече дека нивната вистина ќе открие – кој ја иницирал акцијата, а кој бил измамен преку патриотска догма.
Младеновски, понатаму во својот исказ додаде дека пратениците Мукоски и Тарчуловски, ги повикувале луѓето да одат кон пленарната сала, а потоа толпата се собрала пред канцеларијата на претседателот на Собранието. Кога меѓу насобраните луѓе ги видел пратениците крвави, сфатил дека некој ги измамил во акцијата и се повлекол, како што вели Младеновски, без да направи никакво кривично дело. Младеновски на излез од судот, не сакаше да одговори на новинарските прашања, околу исказите изнесени на рочиштето.
Репортер: Аднан Ќаили
