Свет

Историска суша во Франција

Историска суша во Франција

Франција е во средината на четвртиот топлотен бран оваа година, а владата предупреди дека земјата е изложена на ризик од најлошата суша во историјата, објави Асошиејтед прес.

Метео Франс, националната метеоролошка служба, соопшти дека топлотниот бран, кој започна на југот на Франција, се очекува да ја зафати целата земја и да трае до викендот. На југ се очекуваат дневни температури и до 40 Целзиусови степени, а во ноќните часови температурата нема да се спушти под 20 степени.

Топлината им отежнува на пожарникарите кои се борат со пожарот во близина на Алпите во источна Франција, каде властите евакуираа околу 140 луѓе.

Метеоролошката служба соопшти дека овонеделниот топлотен бран нема да биде толку интензивен како топлотниот бран од минатиот месец, кога неколку региони забележаа рекордно високи температури. Но, жештината доаѓа во време на најлошата суша досега, рече владата. Минатиот месец беше најсушниот јули од почетокот на евиденцијата во 1959 година.

Некои земјоделци почнаа да пријавуваат пад на посевите, особено сојата, сончогледот и пченката. На некои места се воведени ограничувања за вода. Минатата недела владата рече дека повеќе од 100 општини не можат да обезбедат вода за пиење преку цевки и дека мора да се снабдуваат со цистерни. Топлината, исто така, го принуди енергетскиот гигант ЕДФ привремено да го затвори производството на електрична енергија во некои од своите нуклеарни централи, кои користат речна вода за ладење на реакторите, пренесува БТА.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни