Македонија

„Историски исчекор во јавниот сектор: колективните договори ги опфатија сите административци“

„Историски исчекор во јавниот сектор: колективните договори ги опфатија сите административци“

Социјалниот дијалог во јавниот сектор достигна ниво што досега не било забележано, оценува професорот Лазар Јовевски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, во објава на социјалните мрежи.

Според него, во изминатите денови биле потпишани колективни договори во вкупно 59 државни институции, како и во целокупниот судски систем и јавното обвинителство. Со тоа, за првпат во историјата на државата, сите административни службеници се опфатени со поединечни колективни договори.

„Она што долго време беше недостижно, сега стана реалност на трудово-правниот систем“, наведува Јовевски, потенцирајќи дека овој процес претставува значаен чекор напред во унапредувањето на работничките права.

Тој додава дека со ваквите чекори државата се позиционира високо на мапата на колективното преговарање, не само во регионот, туку и пошироко.

Како една од клучните придобивки, Јовевски го истакнува договорениот раст на платите, кој кумулативно ќе надмине 40 проценти во наредните 24 месеци, односно до март 2028 година.

Сепак, според него, предизвик останува натамошното развивање на културата на социјален дијалог, особено во приватниот сектор, како и градењето механизми за мирно и конструктивно решавање на социјалните конфликти.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни