Историски момент во Велика Британија: Родено бебе од пресадена матка од починат донор

Во Велика Британија е забележан медицински пресврт откако се роди првото бебе од жена на која ѝ била пресадена матка од починат донор. Станува збор за новороденчето Хуго Пауел, кое е родено во декември со царски рез во болницата Queen Charlotte’s and Chelsea Hospital во Лондон, со тежина од 3,1 килограм.

На неговата мајка, Грејс Бел, ѝ била извршена трансплантација на матка во 2024 година. Таа е родена со реткиот МРКХ синдром, состојба поради која матката не се развива. Бел го опишува раѓањето на својот син како „чудо“, нагласувајќи дека никогаш не помислувала дека ќе може да стане мајка на ваков начин.

Програмата за трансплантација на матка во Велика Британија е поддржана од добротворната организација Womb Transplant UK. Интервенциите чинат околу 30.000 фунти, се изведуваат во време кога лекарите се слободни од редовни обврски, а националната здравствена служба ја презема грижата за пациентките по успешна бременост. Досега во земјата се извршени пет вакви трансплантации, при што се родени две бебиња – од жив и од починат донор.

Бебето Хуго доби две средни имиња – Ричард, во чест на професорот Ричард Смит, и Норман, по неговиот прадедо. Професорот Смит, кој присуствувал на породувањето, изјавил дека бил длабоко трогнат од моментот. Родителите изразиле благодарност и радост, опишувајќи го раѓањето како исклучителен и емотивен настан.