Итно предупредување до македонските граѓани: Влошена безбедност во Израел, затворен воздушниот простор – не патувајте!

Поради драстичното влошување на безбедносната состојба во Израел и регионот, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРНТ), заедно со македонската Амбасада во Тел Авив, утрово излезе со итни упатства и апели до нашите граѓани.

Целосна суспензија на летовите

Според последните информации добиени од Амбасадата на РСМ во Тел Авив, воздушниот простор над Израел е целосно затворен за цивилни летови до понатамошно известување.

„Сите комерцијални влезни и излезни летови се суспендирани, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај“, соопшти утрово Министерството на својата Фејсбук страница.

Се вчитува...

Се апелира до сите граѓани кои планирале патување кон земјите од овој регион веднаш да се воздржат од истото, сè до целосно стабилизирање на состојбата. Оние кои планирале да заминат од Израел треба внимателно да ги следат ажурирањата од авиокомпаниите бидејќи летовите моментално се откажани.

Упатства за граѓаните кои се наоѓаат во Израел

Амбасадата на Македонија во Израел упати итен повик до сите македонски државјани кои во моментов се наоѓаат на израелска територија строго да ги следат упатствата издадени од Командата на израелскиот домашен фронт.

Се препорачуваат следниве задолжителни безбедносни мерки:

  • Засолниште: Останете во или во непосредна близина на заштитен простор (засолниште, безбедна соба или друга одобрена заштитена зона). Осигурајте се дека точно ја знаете локацијата на најблискиот заштитен простор.
  • Итна реакција: Веднаш влезете во заштитените простори по добивањето известување (сирена) и останете таму сè додека официјалните упатства не покажат дека е безбедно да се напуштат.
  • Залихи: Чувајте ги основните залихи лесно достапни, вклучувајќи: вода, храна, лекови, комплет за прва помош, фенерче и наполнети мобилни телефони.
  • Информирање: Следете ги официјалните ажурирања и известувања во реално време преку веб-страницата на Командата на домашен фронт (https://www.oref.org.il/eng), нивната мобилна апликација и локалните медиуми.

СОС Контакти за помош

Министерството и Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив континуирано ја следат состојбата. Во случај на итност или потреба од помош, македонските државјани можат да се обратат на следните дежурни контакти:

Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив:

  • Тел: +972 54 500 8566
  • Тел: +972 54 967 0546
  • Е-пошта: telaviv@mfa.gov.mk

Министерство за надворешни работи и надворешна трговија (Скопје):

  • Тел: +389 75 273 732
  • Тел: +389 75 268 736
  • Е-пошта: globalsos@mfa.gov.mk