Поранешниот претседател на Република Македонија (2009–2019), д-р Ѓорге Иванов, учествуваше на Меѓународен симпозиум за културна дипломатија што од 12 до 15 јануари се одржа во Парламентот на Обединетото Кралство. Настанот беше организиран од Институтот за културна дипломатија и Шкотскиот форум, со присуство на бројни меѓународни претставници и членови на двата дома на британскиот парламент.
За време на посетата, Иванов оствари средба со Нус Гани, заменик-претседател на Долниот дом на Обединетото Кралство.
Иванов се обрати на сесијата посветена на „Културна дипломатија во современите меѓународни односи“, при што говореше за историското значење на 1776 година како пресвртна точка во развојот на политичката и економската слобода преку Декларацијата за независност на САД и делото „Богатството на народите“ на Адам Смит.
Во обраќањето тој порача дека слободата не е трајна придобивка, туку обврска која бара институционална доверба, одговорност и активно учество на граѓаните. Иванов истакна дека економската слобода мора да биде праведна и одржлива, насочена кон подобрување на квалитетот на живот и намалување на нееднаквостите. Според него, моралната и културната димензија на слободата се важни за зачувување на човечкото достоинство, при што културната дипломатија има улога во градење меѓусебна доверба, дијалог и разбирање во време на глобални поделби.
Иванов нагласи дека преку културата, малите и средни држави можат да ја зајакнат својата меѓународна видливост, да го претстават сопствениот идентитет и да обезбедат поголема почит во меѓународната заедница.
Во рамки на форумот, поранешниот претседател учествуваше и на сесијата „Финансии, отпорност и лидерство во управувањето со современите економии“.
Меѓу учесниците на симпозиумот беа присутни и: Мигел Анхел Моратинос, заменик-генерален секретар на ОН и висок претставник на Алијансата на цивилизациите (UNAOC); баронесата Манзила Удин од Домот на лордовите; Ирина Бокова, поранешен генерален директор на УНЕСКО; сенаторката Шери Рехман; Нихал Саад, директор на UNAOC; како и повеќе поранешни премиери, министри и претседатели од Европа и светот, меѓу кои Ив Летерм, Томас Хендрик Илвес, Алфред Гузенбауер, Хасан Диаб, Мохамад Штаје, Наталија Гаврилица и Младен Иваниќ.
