Независната кандидатка за градоначалник на Општина Центар, Билјана Ивановска, се огласи по одржувањето на локалните избори, упатувајќи благодарност до граѓаните кои ѝ ја дале својата поддршка.
„Огромна благодарност за поддршката што ми ја дадовте, што препознавте во мене и во ‘Независни заедно’ опција која се бори за нас, за граѓаните“, напиша Ивановска на својата официјална страница на Фејсбук.
Таа истакна дека изборниот процес бил особено тежок за независните кандидати, нагласувајќи дека отсуството на логото на нивната група на гласачките ливчиња предизвикало забуна меѓу гласачите.
„Од начинот на гласањето и организирањето на процесот можете да видите што значи да немаш партија и да не си рамноправно вклучен. Недостатокот на нашето лого направи многу забуна“, посочи Ивановска.
Според неа, освоените 4.465 гласа, односно 20% од вкупниот број, се значаен успех имајќи предвид дека кампањата била спроведена без телевизиски реклами, без скапи промотивни материјали и со ограничени средства.
„Овој резултат е без реклами, без делење подароци, со само две дебатни емисии и минимален буџет од 1.500 евра. Успеавме да парираме на големите партии кои потрошија милиони“, додаде таа.
Ивановска порача дека резултатите ја охрабруваат да продолжи со ангажманот за промени во Центар и за граѓанска политика надвор од партиските интереси.
„Центар има критична маса свесни граѓани кои не размислуваат по партиска шема. Една битка не е изгубена војна. Борбата продолжува“, заврши таа во својата објава.