Ивица Томовски реагира: „Посочената компанија не е моја, СДСМ мора да се извини“

По обвинувањата што ги изнесе СДСМ за, како што тврдат, семејна фирма поврзана со него, Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи, реагираше со остар став.

„Очигледна е намерата на партијата која е во пропаѓање да обвинува, клевети и жигосува. Тоа е нивниот стил, нивната единствена сламка за спас. Додека тие зборуваат за некаков криминал, они што вистински се тоа, од Дубаи нарачуваат и пишуваат клеветнички прес-конференции. Така изгледа кога крадецот вели ‘држете го крадецот’. И сакаат да се заборави на златните визи, модуларната болница, плантажите за марихуана – тоа беше нивното владеење“, рече Томовски.

Тој посочи дека соопштенијата на СДСМ се „безобразни, малициозни, полни со клевети и измислици“ и додаде дека нивниот стил не е политика, туку обид да се прикрие сопствениот очај и неспособност. „Нема со гнасни соопштенија да покријат дека токму тие ги уништија македонските институции“, истакна Томовски.

Според него, вистината за случајот е следна: „Посочената компанија не е моја, ниту имам било каков удел во нејзе. Во моментов немам никаква приватна компанија и сум целосно насочен кон мојата работа како директор на Службата за општи и заеднички работи. Целиот мој живот работам чесно, одговорно и посветено, така и ќе продолжам.“

Томовски додаде дека СДСМ мора да се извини поради изнесените клевети, во спротивно најави дека ќе поднесе тужба пред надлежните органи. „Власта е одговорност и таму не се доаѓа со пазарџиски финти и клевети. Народот ќе суди, како што веќе им пресуди на последните избори“, заклучи тој.

Тој истакна дека сите можни институции слободно можат да проверуваат сè, но од СДСМ не очекува извинување, бидејќи, како што рече, „за извинување потребни се доблест и морал, а тоа одамна го видовме дека го немаат“.