Колкави се изгледите да има избори на 5 јули, кога бројот на заразени со Ковид-19 е постојано во пораст? ДУИ го поддржува овој термин, но Блерим Беџети од оваа партија, синоќа во емисијата „Клик Плус“, рече дека на овој ден може да има избори само ако се исполнат условите, а притоа без да се загрози здравјето на граѓаните.
„Ако проценката на Комисијата биде дека можат да се одржат, за нас е прифатливо да има избори, но повторувам – предност мора да има здравјето на граѓаните на Северна Македонија“, истакна Блерим Беџети.
Партнерите Алијанса за Албанците и Алтернатива како можен термин го предложија 19 или 26 јули. Арбен Таравари од Алијанса, настојува да има избори ова лето, но не ако бројот на заразени е висок.
„За да се каже дека состојбата е стабилна, потребно е минимум 14 дена од вкупниот број тестирани, позитивни да бидат под 5%. Ако имаме ваква ситуација, веруваме и одиме на избори. Но, ако немаме ваква ситуација, мислам дека е неморално да се организираат избори и да има мала излезност на луѓе. Нема да биде легитимна која партија и да победи на изборите“, посочи Арбен Таравари.
Запрашан конкретно за 5 јули како датум, ако се исполнат условите што ги спомна, Таравари вели дека се отворени да разговараат и за овој термин, со цел постигнување консензус.
Потсетуваме дека досега опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе против одржување избори на 5 јули, уверувајќи дека состојбата со коронавирус е алармантна.
Од друга страна пак, СДСМ го предложи 5 јули како последен изборен датум, велејќи дека на државата ѝ се потребни функционални институции и дека наесен состојбата може да се влоши уште повеќе.
Пред неколку дена, портпаролот на ДУИ, за ТВ21 рече дека 5 јули е единствениот датум за избори ова лето, а ако не се одржат тогаш, остануваат за наесен.
.