ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на предвремените локални избори во Штип и Пласница. Веста ја објави опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски, кој додаде дека ниту една политичка кариера, а уште помалку на Заев и Бочварски, не е поважна од здравјето на граѓаните.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски вчера потврди дека СДСМ и ДУИ останаа сами во обидите за одржување на изборите, во време кога, како што вели, секој нормален човек би бил „за“ нивно одлагање.
Во однос на одлуката ВМРО-ДПМНЕ да не учествува на локалните избори во Штип, очигледно е дека не станува збор за некаков страв од пандемија, туку наједноставно кажано станува збор за страв од уште еден пораз на Христијан Мицкоски, писмено се огласи екс градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски.
Пред неколку дена албанската опозиција побара изборите да се одложат поради пандемијата. Од ДУИ рекоа дека барањето на обединетата опозиција Алијанса-Алтернатива-ВМРО за неодржување на изборите е во функција на избегнување порази и сносење одговорност за истиот. СДСМ уверува дека изборите ќе се одржат согласно протоколите за заштита од Ковид-19.
Неучеството на опозицијата на локалните избори во овие две општини, им остава слободен терен на двете владејачки партии, СДСМ и ДУИ. Социјалдемократите кои раководеа со Штип, за кандидат ќе го имаат Сашко Николов, а Трајче Митев ќе биде независен кандидат. Во Пласница пак, со која раководеше кадар на ДУИ, нивен кандидат ќе биде Алија Јаоски. Доколку бидат избрани, тие ќе бидат градоначалници само 10 месеци, бидејќи редовните локални избори треба да се одржат наесен следната година.
.
