Изгласани амандманите 33 и 34, Македонија стана „Република Северна Македонија“

Собранието ги усвои нацрт амандманите 33 и 34 од Уставот, кои се однесуваат на името на државата во поширок историски контекст додавајќи ја географската одедница “Северна“. Амандамнот 34 се однесува на Преамбулата каде во највисокиот правен акт, одлуките од АСНОМ се заменуваат со прогласот на АСНОМ и се додава Охридскиот договор. Пратениците од власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваа за тоа кој креира поделби во македонското општество. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека договорот е поразителен. Според пратеничката Дафина Стојановска, со ова се губи историјата, културата и наследството.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров и реплицираше на пратеничката од опозицијата, велејќи и дека живее на друга планета.

Лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села побара во Преамбулата на Уставот да фигурира мултиетничката реалност на државата.

„Мислам дека дојде време, по зборот на прогласувањето на Република Македонија за независна држава, да се додаде и зборот мултиетничка. Вака ќе дадеме порака на рамноправност на сите граѓани. Да се тргнат намерите на Уставот кои имаат за цел изградба на една национална држава со овие дефиниции и да гледаме кон иднината. Зборот „како граѓани кои живеат во границите на државата“ има за цел овие граѓани да ги смета како привремени граѓани“, изјави Зијадин Села, претседател на АА.

Од друга страна, пратеникот на БЕСА Фадиљ Зендели вели дека загубена е добра шанса со овие уставни измени да се отворат и некои други прашања во врска со меѓуетничките односи.

„Ја изгубивме шанса во овие уставни измени  да се отворат и неколку други прашања кои ги тангираат и меѓуетничките односи во РМ. Ние како пратеници и другите пратеници на претходниот парламентарен состав, се соочивме со секојдневни дебати, пред една година имавме дебата за Законот за јазиците. Како главно образложение зошто Албанскиот јазик да не биде службен јазик, беше дека има пречки во Уставот. И во овој момент го отвораме Уставот и повторно не го третираме оваа прашање“, Фадил Зендели, пратеник на движење Беса.

Дебатата за уставните измени во Собрание започна вчера, и според сегашната динамика, ќе заврши за неколку дена. Третата фаза на уставните измени, веројатно ќе се случи по Нова Година.

Репортер: Зимер Јашари

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното