Слаба излезност од 8,90% е регистрирана во првите шест часа од гласањето на повторните локални избори. Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), до 13:00 часот своето право на глас го искористиле вкупно 11.217 граѓани.
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, информираше дека процесот генерално тече непречено, со исклучок на еден проблем во гостиварскиот регион. Избирачкото место 0782 во селото Ќафа сè уште не е отворено, и таму гласањето не е започнато.
Маврово-Ростуше со најголема, Центар Жупа со најмала излезност
Според обработените податоци од 209 избирачки места, состојбата по општини изгледа вака:
- Маврово-Ростуше: Води со излезност од 10,03% (гласале 1.061 лице).
- Врапчиште: Излезноста е 9,58% (гласале 2.613 лица).
- Гостивар: Излезноста е 8,74% (гласале 7.043 лица).
- Центар Жупа: Најслаб одѕив од 6,61% (гласале само 500 лица).
За потсетување, за да бидат успешни изборите, потребно е до 19:00 часот на гласање да излезат најмалку една третина (33,33%) од вкупниот број запишани гласачи.
