На денешната свеченост по повод одбележувањето 14 години Македонско-руска стопанска комора тематски посветена на иднината на економските односи со Руската Федерација, беше искажано дека македонската економија во првите неколку месеци од годинава бележи зголемување на вкупниот извоз на пазарот во Русија за 41 процент, од кои само кај земјоделските и прехранбените производи растот изнесува 90 проценти за месец јануари, споредено со истиот месец минатата година.
– Интензивирањето на економската и секаква друга соработка ќе биде централна тема и на идниот состанок на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско, економска и научно-техничка соработка кој оваа година во Скопје ќе се обнови по петгодишна пауза, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски Николовски.
Рускиот амбасадор Сергеј Александрович Баздникин изрази благодарност за поддршката за продолжување на дијалогот на заедничката Меѓувладина руско-македонска комисија за соработка со надеж дека ќе доведе до продлабочување на економските врски и интензивирање на трговијата и на инвестициските проекти.
Подвлече дека практични резултати од заедничките напори на двете страни е токму зголемувањето на извозот на македонски производи на рускиот пазар во 2019 година за 41 процент, а, додаде, потпишани се и нови договори за извоз на македонски вина и на свежо овошје и зеленчук на пазарот на Руската Федерација.
Најави дека наскоро земјата ќе ја посетат претставници од руското Росељхознадзор за да ги решат некои од проблемите поврзани со привремена забрана за некои видови македонско овошје во Русија.
– Резултатите од работата на Македонско-руската стопанска комора се евидентни. Сепак, не треба да останеме таму каде што сме. Се уште имаме значителен нереализиран потенцијал за соработка. Ние сме подготвени да соработуваме толку поинтензивно колку што сакате, рече Баздникин.