Македонија

„Ја знаеме тишината што останува по заминувањето на најмилите“ – Здружението на граѓани 16ти Март 2025 изрази сочувство за жртвите во Бангкок

„Ја знаеме тишината што останува по заминувањето на најмилите“ – Здружението на граѓани 16ти Март 2025 изрази сочувство за жртвите во Бангкок
Фотографија направена со помош на ВИ

Здружението на граѓани „16-ти Март 2025 – Кочани“ изрази најдлабоко сочувство до семејствата кои ги загубија своите најблиски во трагичниот пожар во бар во Бангкок, Тајланд.

Во објавената порака, од здружението посочуваат дека како семејства кои ја почувствувале најголемата човечка болка – загубата на најмилите во пожар во објект за забава – ја разбираат тежината на трагедијата и последиците што остануваат по ваквите несреќи.

„Ја знаеме тишината што останува по заминувањето на најмилите, празното место на семејната маса и бескрајните прашања што ги носи секоја ваква трагедија“, наведуваат од здружението.

Тие посочуваат дека особено ги потресуваат првичните информации за причините и околностите на пожарот во Бангкок, кои, според досегашните извештаи, имаат сличности со прашањата што се отворија по трагедијата во Кочани – поврзани со безбедносните стандарди, законитоста на работењето на објектите, евакуациските патишта и институционалниот надзор.

Од здружението им упатија поддршка на семејствата на загинатите и посакаа брзо закрепнување на повредените.

„На семејствата им посакуваме сила да го издржат незамисливото, а на институциите мудрост, одговорност и решителност да ја утврдат целосната вистина и одговорност“, се наведува во пораката.

Тие додаваат дека зад секоја бројка на загинати стои човечки живот, семејство и приказна која засекогаш се променила.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни