Јаневска: Асистентите постепено се комплетираат во основните училишта, во јануари и во средните училишта

Во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во општина Аеродром веќе работат 12 образовни асистенти за 15 деца со посебни потреби, а раководството очекува за некој ден да се докомплетира тимот.

Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, договори со образовни асистенти се потпишуваат и денеска, што значи, како што изјави, во следните денови асистентите постепено навлегуваат во училиштата.

– Повеќе пати кажав дека ова што се случуваше годинава е одраз на чекањето на  ребалансот на Буџетот и на релативното работење на училиштата на различни начини. Но, ресурсниот центар „Златан Сремец“ кој ја покрива оваа територија успешно го привршува процесот, денес во училиштево, а верувам и во другите има образовни асистенти, изјави министерката Јаневска, откако со в.д.градоначалникот на Аеродром, Дејан Митевски поделија таблети на четвртоодделенци од училиштето.   

Јаневска повтори дека се работи на системско решение  за ангажманот на  образованите асистенти и оти со новите закони за основно, средно и средно стручно образование ќе се определи рок во кој ќе биде завршена целата постапка што ќе треба да биде готова до јуни.

Големата новина, рече Јаневска, е што обезбедуваме асистенти и за средните училишта, што досега не беше случај, а исто така и тоа што асистентите ќе го следат ученикот во целиот негов образован процес освен ако не престане потребата за асистент, ако асистентот одлучи  да се исклучи од овој процес или на силно инсистирање на родителите кои ќе сметаат дека нивното дете би можело да постигне подобар успех со друг  асистент бидејќи понекогаш е неопходна промена на асистент.