Министерката за образование, Весна Јаневска, изјави дека доколку има повеќе време ќе се потруди да го доусоврши знаењето на албанскиот јазик. Изјавата доаѓа по реакцијата на коалициониот партнер во Владата, ВРЕДИ, кој ја критикуваше поради нејзината забелешка кон градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
Во неделата, на настан посветен на промоција на знаењето во Тетово, Јаневска му се обрати на Касами со молба покрај на албански, дел од одговорите на новинарските прашања да ги даде и на македонски јазик.
– Ве молам, градоначалник, накратко само, за да разбереме и ние кои не знаеме добро албански… кажете накратко што зборувавте, ве молам – му се обрати министерката, на што Касами возврати дека прво ќе заврши на албански, а потоа ќе одговори и на македонски.
По настанот, од коалицијата ВРЕДИ реагираа дека потегот на министерката бил спротивен на принципите на соживот и почитување на различностите што треба да ги промовира секој претставник на институциите.
„Во мултиетничко општество како нашето, кога дури и странски дипломати учат зборови на албански, да бидеш министер за образование и да не знаеш ниту еден збор на јазикот на своите сограѓани, а притоа да реагираш на употребата на тој јазик, е тешко објасниво во контекст на соживот и граѓанска рамноправност“, наведоа од ВРЕДИ.
Јаневска, пак, во изјава за „Вечер“ истакна дека се работи за недоразбирање и дека нејзината реакција не била со лоша намера.
– Бевме на убав настан во Тетово, посветен на знаењето. Настанот почна на албански, имаше говори и на двата јазика. Кога започнаа изјавите за медиумите, јас зборував на македонски, а градоначалникот на албански. Само љубезно го замолив по првото прашање накратко да ни каже што зборува, за да можеме да следиме – објасни министерката.
Таа додаде дека промовира соживот и меѓуетничка толеранција, и дека разбира неколку зборови на албански, но не е сигурна дали добро ги разбира.
Ова не е првпат функционери од албанскиот политички блок да одговараат само на својот мајчин јазик. Дел од нив подоцна се дообјаснуваат и на македонски, но има и такви што не го прават тоа. Сепак, ова е прв случај претставник од извршната власт јавно да реагира на таква практика на коалиционен партнер.
Неодамна, и вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, одби да даде изјава и на македонски јазик, со образложение дека не го владее доволно добро официјалниот јазик на државата.