Учениците во основното и средното образование ќе ги дочекаат учебниците навреме за почетокот на новата учебна година, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа денеска при посетата на ООУ „Љубен Лапе“ во општина Аеродром посочи дека трета година по ред Министерството за образование и наука обезбедува навремена набавка и испорака на наставните помагала.
„Конечно имаме стабилен систем за набавка и испорака на учебници. Ова прашање кое го наследивме нерешено е веќе надминато, а сега се фокусираме на други аспекти за подобрување на квалитетот на образовниот процес“, изјави Јаневска.
Министерката информираше дека процесот оваа година започнал порано од претходните години. Целосно нови комплети учебници за учениците од прво до трето одделение, во тираж од околу 250 илјади примероци, биле набавени и испорачани уште во април.
Според неа, при набавката на учебниците во период од две години биле заштедени околу 45 милиони денари поради пониски цени при печатењето.
Во следниот период ќе започне и испораката на учебниците за повисоките одделенија во основното и средното образование. Од МОН посочуваат дека се обезбедени учебници и по странски јазици, кои, како што наведуваат, претходно недостасувале.
Исклучок ќе бидат учебниците за деветто одделение и трета година средно образование, каде согласно реформите во образовниот систем следната година се очекува изработка на нови наставни програми и нови учебници.
Од Педагошката служба информираат дека оваа година е забележан најголем поврат на средства по основ на оштетени или изгубени учебници, што според нив покажува дека механизмот за поголема одговорност почнал да функционира.
Сите печатени учебници се достапни и во електронска форма преку платформата на Министерството за образование и наука.