Јапонија во состојба на приправност: Предупредување за поголеми цунами бранови и нови потреси

По серијата силни земјотреси кои го погодија брегот на Јапонија, јапонската метеоролошка агенција одржа итна конференција за медиуми на која упати сериозно предупредување до јавноста. Иако првиот бран цунами веќе ги зафати крајбрежните делови, властите нагласуваат дека опасноста воопшто не е помината и дека постои висок ризик од пристигнување на уште поголеми и поуништувачки бранови.

Моментално, најкритична е состојбата во делови од префектурите Хокаидо и Ивате, каде што предупредувањата за цунами остануваат на највисоко ниво.

Јапонската премиерка Санае Такичи, која од октомври минатата година ја предводи владата, веднаш формираше кризен штаб за итна интервенција и санирање на последиците. Таа потврди дека според првичните информации на терен веќе е забележана значајна материјална штета, но и човечки жртви, иако точните бројки сè уште се утврдуваат.

Преку социјалните мрежи, премиерката упати апел до сите жители во загрозените подрачја без одлагање да се евакуираат на повисоки места, нагласувајќи дека примарна цел во овој момент е спасување на човечките животи.

Покрај опасноста од морето, метеоролошката агенција предупредува и на дополнителни ризици на копното. Постои голема веројатност за појава на лизгање на земјиштето поради дестабилизација на почвата, како и можност за нови силни потреси во текот на целата претстојна недела. Властите ги координираат сите расположливи ресурси за итни служби и војската за да се обезбеди помош на настраданите, додека населението се повикува на максимална претпазливост и следење на официјалните упатства за безбедност.