Денеска 21.12.2022 година со почеток во 12.30 часот, во Клубот на пратеници – Скопје, Министерката за одбрана, Славјанка Петровска ќе ја отвори јавната расправа за Предлог Законот за критична инфраструктура, која е во организација на Министерството за одбрана на Република Северна Македонија.
Во јавната дебата за регулирање на критичната инфраструктура учество ќе земат проф. д-р Марјан Ѓуровски, Претседател на Комитетот на проектот МКД НАТО 2030 и универзитетските професори Роберт Микац од Република Хрватска, Александра Деановска Трендафилова, Весна Поповска и Горги Алчевски од нашата држава, како и претставници од Министерството за одбрана и другите безбедносни институции во земјата.
За време на јавната расправа ќе биде презентиран Предлог – законот за критична инфраструктура чија цел е градење ефективна стратегија на заштита на критичната инфраструктура како врвен национален приоритет. Во Предлогот на закон се нуди решението со кое се дефинира националната инфраструктура како инфраструктура од суштинско значење за одржување на виталните општествени функции, здравјето, безбедноста, сигурноста, економската или социјалната благосостојба на луѓето и животната средина.
Бројни се причините поради кои инфраструктурата мора да биде добро обезбедена и заштитена. Некои од причините се потенцијалните загрозувања и можноста критичната инфраструктура да биде селектирана како потенцијална цел на најразлични форми на закани вклучително и терористички напади. Други причини се поврзани со имликациите кои произлегуваат од меѓузависноста и поврзаноста на различните видови на критична инфраструктура.
Дополнително, критичните информациони инфраструктури се асоцирани во сите општествени сегменти и може да бидат особено чуствитепни и ранливи на напади од страна на хакери, криминалци или терористи.
Електроенергетската инфраструктура, транспортот на нафта и природен гас, снабдувањето со прехрамбени продукти и вода, здравственото обезбедување и банкарскиот и финансискиот систем се најранливи сегменти на инфраструктурата со што сами по себе заради своето значење може да претставуваат потенцијални цели на напад.
Со оглед дека еден од главните предизвици во полето на безбедноста во Република Северна Македонија денес е идентификација на сите безбедносни ризици и закани со кои може да се соочи државата, како и нивното влијание врз општественото живеење, заштитата на национална критичната инфраструктура и градењето на нејзината оптпорност заслужува соодветно нормативно уредување.