Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје оформило предмет за функционирањето на новогодишниот лунапарк „Зимзоленд“ во Општина Аеродром за да се испита дали постојат елементи на кривично дело предизвикување општа опасност, потврдија за „360 степени“.
Според Обвинителството, предметот е отворен по допрен глас, по објавените информации дека надлежните инспекциски служби не постапуваат согласно законските надлежности за отстранување на реквизитите на лунапаркот. Јавното обвинителство најавува дека веднаш ќе издаде наредба до Министерството за внатрешни работи – Единицата за економски криминал да изврши увид на терен и да ја обезбеди целокупната документација за работењето на „Зимзоленд“.
Иако законските прописи налагаат дека ако инспекторите утврдат дека постои опасност, лунапаркот треба веднаш да се запечати, досега тоа не било направено од ниту една инспекциска служба.
Од Град Скопје и Општина Аеродром потврдија дека постапуваат во рамките на своите надлежности. Градските инспекции утврдиле дека „Зимзоленд“ нема дозвола, но отстранувањето е надлежност на Општината Аеродром.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека трипати била испратена инспекција на терен и дека им било укажано на Општина Аеродром да постапи преку својата градежна инспекција.
„Не може кој било да поставува реквизити во главниот град без одобрение од Градот“, рече Ѓорѓиевски.
Од Општина Аеродром наведуваат дека известувањето од Градот не е обврзувачко и дека согласно закон треба да почекаат осум дена по приемот на записникот од инспекцискиот совет. Инспекторите биле на терен на 10 декември, па најран датум за постапка би бил 18 декември.
Од управата на „Зимзоленд“ потврдија дека се вршат инспекциски надзори, но демантираа дека паркот ќе биде затворен.
