Македонија

Јазикот повторно ја вжештува релацијата Скопје-Софија: Бугарското МНР со остра реакција за изјавата на Мицкоски

Јазикот повторно ја вжештува релацијата Скопје-Софија: Бугарското МНР со остра реакција за изјавата на Мицкоски

Ново заострување на односите меѓу Македонија и Бугарија доаѓа по објавувањето на Акциониот план за правата на заедниците.

Бугарското Министерство за надворешни работи (МВнР) преку официјално соопштение изрази загриженост поради, како што велат, „измислените тези на властите во Скопје“, кои според нив се косат со Европскиот консензус од 2022 година.

Софија: „План на англиски јазик е тешко објаснив“

Од бугарското МНР нагласуваат дека прашањето за јазикот на кој ќе биде напишан Планот е внатрешно прашање на Македонија, но упатија критика за изборот на официјален јазик во меѓународната комуникација за овој документ.

„Изборот на Скопје да го претстави проектот на овој план на своите граѓани на англиски јазик е тешко објасниво, особено ако се планира тој реално да биде применет,“ стои во позицијата на Софија.

Бугарските власти потсетуваат дека овој План е чекор кој треба да следи по впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав, што е клучниот услов за отворање на преговорите за членство во ЕУ. Сепак, тие ги поздравија зборовите на премиерот Мицкоски дека ќе ги прифати сите забелешки на бугарската заедница во Планот, додавајќи дека очекуваат ветувањето да биде исполнето.

Мицкоски: „Проблемот не се малцинствата, туку македонскиот јазик“

Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски тврди дека Бугарија поднела забелешка на документот исклучиво поради македонскиот јазик, а не поради неговата суштина. Тој истакна дека на вакво сценарио предупредувал уште за време на разговорите во Брисел.

„Ниту една земја членка не реагираше, ниту едно малцинство во Македонија не се спротивстави. Единствениот проблем бил – јазикот,“ изјави Мицкоски, потенцирајќи дека македонскиот јазик е мајчин и официјален јазик на државата во сите сфери.

Премиерот појасни дека во изработката на документот учествувале и меѓународни експерти, вклучително и од Италија, а планот бил доставен до Бугарија како гест на добра волја пред предвидениот рок.

„Ова повторно покажува дека спорот нема врска со малцинствата, ниту со нивната заштита. Станува збор за нешто многу подлабоко,“ додаде Мицкоски.

Иако во моментов нема директни контакти меѓу двете влади, премиерот порача дека Скопје останува подготвено за аргументиран дијалог „во секое време и на секое место“, со цел да се надминат наметнатите пречки на европскиот пат.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни