Македонија

Јотова: Отворени сме за разговори со Северна Македонија, но без ултиматуми

Јотова: Отворени сме за разговори со Северна Македонија, но без ултиматуми

Патот на Република Северна Македонија кон Европската Унија не се гради со ултиматуми и ветувања, туку со искрен дијалог. Ова го изјави бугарската претседателка Илијана Јотова, коментирајќи го барањето што македонските власти го испратија за одржување билатерална средба.

Јотова, која вчера присуствуваше во Благоевград на одбележувањето на 114-годишнината од ослободувањето на Горна Џумаја, рече дека е умерен оптимист и најави дека ќе побара од шефицата на бугарската дипломатија Велислава Петрова-Чамова да ѝ го достави на увид барањето за средба во Софија.

Бугарската претседателка посочи дека не ги знае деталите од разговорот меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, но изрази надеж дека овојпат ставот бил исклучително цврст. Според неа, за разговорот да биде сериозен, Мицкоски мора внимателно да ја согледа европската политика за проширување во однос на Северна Македонија и да не го претставува прашањето како исклучиво билатерално. Таа нагласи дека Бугарија секогаш била подготвена за разговори, но без ултиматуми и без отстапување од европските политики и вредности, додавајќи дека како членка на Европската Унија Софија не може да прифати држава што чекори по европскиот пат да не ги почитува европските начела.

Лидерот на ГЕРБ и поранешен бугарски премиер, Бојко Борисов, денеска порача дека треба да се испочитува Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и дека не се бара ништо повеќе од тоа. „Постои договор потпишан од мене и нивниот премиер. И ние и Европската комисија не бараме ништо повеќе од почитување на тој договор. Ние не сме непријатели, напротив“, изјави Борисов за време на посетата на Русе, пренесе БГНЕС.

Тој додаде дека со тој договор и со францускиот предлог сè е јасно и дека, доколку се разбира соседството на ист начин, нема да има проблеми.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека сè уште нема одговор на барањето за билатерална средба со бугарската страна, кое Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го испрати во петокот. На новинарско прашање што очекува од средбата и што би се случило доколку таа биде одбиена, тој рече дека во таков случај само би се потврдиле загриженостите што ги има македонската страна, но додаде дека не го очекува тоа сценарио.

Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираа дека е испратено барање за средба меѓу шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова. Иницијативата следи по средбата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Скопје, на која, според најавите, е договорен прв чекор кон можност за деблокада на евроинтеграциите на Северна Македонија.

Доколку дипломатската нота добие позитивен одговор, средбата на министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија би се одржала следната недела во Софија, на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни