Јужна Америка би можела да произведува уште 2,1 милион барел нафта дневно

Цената на нафтата од 100 долари за барел во подолг временски период би можела да ослободи до 2,1 милион барели дневно дополнителна понуда во Јужна Америка до средината на 2030-тите, објави во средата компанијата за енергетски истражувања Rystad Energy.

Rystad сега предвидува дека барел нафта оваа година во просек ќе чини 89 долари. Уште во јануари проценуваа дека просечната цена ќе изнесува 60 долари.

Тоа би требало да значи за земјите од Јужна Америка зголемување на државните приходи за 43 милијарди долари, пресметале во Rystad.

Доколку цената на нафтата подолг период изнесува 100 долари, проектите за експлоатација во подморските подрачја на Бразил, Гвајана и Суринам би можеле во следните десет години да обезбедат дополнителни повеќе од еден милион барели нафта дневно, проценуваат од Rystad.

Бразил минатата година произведувал околу 3,77 милиони барели дневно, според официјални податоци, Гвајана во просек 716 илјади барели дневно, а се очекува и Суринам да бележи раст, со проценка на францускиот TotalEnergies дека проектот GranMorgu ќе овозможи пристап до резерви од околу 760 милиони барели нафта.

GranMorgu треба да произведува 220 илјади барели нафта дневно од 2028 година, најави француската компанија.

Венецуела би можела да ја зголеми производството за 910 илјади барели дневно, од кои 57 проценти би доаѓале од постојните наоѓалишта, каде оперативните трошоци се движат меѓу 7 и 8 долари по барел, наведува компанијата.

Производството во аргентинското поле Vaca Muerta се очекува до крајот на деценијата да порасне за 400 илјади барели дневно, на околу еден милион барели дневно, а до 2035 година да достигне 1,5 милиони барели дневно, според проценките на Rystad, во сценарио со „стандарден ценовен опсег“ и со Кина како главна извозна дестинација.

Стабилните испораки од ова поле се очекува да започнат веќе од следната година, додаваат од компанијата.

Гвајана веќе во првите два месеци од годинава произведувала повеќе од 900 илјади барели нафта дневно, според владините податоци, значително повеќе од просекот во 2025 година кој изнесувал 716.000 барели дневно.

Растот на производството е поврзан со развојот на големото поле Stabroek во гвајанските води на Атлантскиот океан, управувано од американскиот Exxon Mobil.

Од првото откритие во 2015 година во блокот Stabroek се одобрени шест големи проекти, а според проценките на Меѓународната агенција за енергија (IEA), производството до 2027 година би можело да надмине 1,3 милиони барели дневно.

Гвајана го дели овој нафтен басен под дното на Атлантскиот океан со Суринам, кој според проценките на Американската геолошка служба (USGS) содржи повеќе од 13,6 милијарди барели искористлива нафта и околу 900 милијарди кубни метри гас.

„Јужна Америка во моментов е најважниот светски извор на зголемување на понудата на нафта“, изјави потпретседателката за истражување на нафта и гас во Rystad Energy, Радика Бансал.