Канцеларијата на претседателот Јун Сук-Јол е во 24-часовна готовност бидејќи се очекува Северна Кореја да го изврши седмиот нуклеарен тест во секое време. Ова го изјавија во неделата официјални лица цитирани од Јонхап.
„Со оглед на тоа што провокациите на Северна Кореја зачестија, ние правиме максимални напори да го одржиме ставот на подготвеност со чувство на будност“, изјави за новинарите висок претседателски функционер. Станува збор за 24-часовен режим на подготвеност.
Кабинетот на претседателот подготви детални планови за одговор на севернокорејската нуклеарна проба.
Северна Кореја ги засили тензиите во последниве недели со извршување на серија лансирања на балистички ракети, вклучително и едно над Јапонија, летање воени авиони и истрелување артилериски гранати во поморските тампон зони во близина на нејзиниот источен и западен брег.
Во саботата, претседателот посети хотелски ресторан во гарнизонот Јонгсан на американската војска и се фотографираше со војниците во знак на неговата посветеност за зајакнување на јужнокорејско-американската алијанса.
Националната разузнавачка служба соопшти дека Северот би можел да го изврши седмиот нуклеарен тест помеѓу 16 октомври и 7 ноември , по Националниот конгрес на кинеската комунистичка партија и пред среднорочните избори во САД.