Како да го истерате лошото расположение и стресот?

Стресот е најголемиот „убиец“ на денешницата. Но, ако ова е единствена „болест“ која не може да се лекува со апчиња, како треба да се избориме со него?

Многу модерни испитувања на мозокот покажале дека доброто расположение и намалениот стрес допринесуваат кон подобро физичко и ментално здравје. Пријатните и убави мисли се најдобри „антитела“ за нервозата и лошото расположение, а виенскиот психолог Јулија Умек ве советува како да ги постигнете:

Бидете свој набљудувач
Станете набљудувач на сопствениот живот. Обидете се да ги гледате вашите животни ситуации од страна, како да гледате филм. Опфатете ја целосна слика и ставете акцент на сите убави работи кои ви се случуваат. Истовремено, доделете си ја главната улога на позитивец и симпатична личност која е често насмеана и ведра. Среќата и доброто расположение нема да изостанат.

А ако сте лошо расположени, и не уживате додека ги извршувате обврските и работата, тогаш треба да започнете да се фокусирате на позитивната страна од некоја ситуација што ќе ви овозможи ментално да се дистанцирате од актуелните случувања и многу полесно да сфатите како да го совладате нештото. Тоа ќе ви помогне да останете ведри и расположени.

Смејте се
Добро познато е дека смеењето го продолжува животот. А сте се запрашале ли зошто? Таа мала „крива линија која исправа многу работи“ е одличен двигател на доброто расположение, што води до ослободување на стресот. А и луѓето преферираат да се дружат со насмеани личности, отколку со намќори, бидејќи доброто расположение е заразно.

Научниците кои се занимаваат со истражување на мозокот велат дека потсетувањето на симпатични и весели случувања, приказни, филмови или убави спомени го покренуваат доброто расположение и среќа и на тој начин го тренираат мозокот да го запамети убавото расположение.

Внимавајте на држењето на телото
Расположението се гледа и според држењето на телото. Истражувањата на невробиолозите покажале дека ако вдишете длабоко, имате исправен грб, испакнат граден кош, ја исправите главата и ги опуштите мускулите на лицето, вашето расположение ќе се поправи, бидејќи мозокот добива сигнали дека сте добро расположени. Од друга страна, ваквото држење ве прави да изгледате привлечно и симпатично за другите, а тоа вас ќе ве наполни со позитивна енергија.

Не станувајте на лева нога
И да не важите за „утринска“ личност, на доброто расположение треба да работите уште од рано наутро. Воведете некој ритуал којшто ве расположува од сабајле. На пример, додека се борите со сонот и се подготвувате за дневните обврски, пуштете музика која ве расположува или појадувајте, бидејќи храната наутро го засилува лачењето на хормоните на среќа.

Изберете намирници коишто се полни со витамини и ќе ви дадат енергија за целиот ден – овошје, јаткасти плодови, шолја кафе или чај и, на крај наградете се со парче чоколадо. Оваа комбинација ќе ве снабди со енергија и ќе ви помогне да останете отпорни на болестите кои ги предизвикува стресот.

Сè ќе помине, и добро и лошо
И луѓето кои имаат исполнет живот, не се секогаш отпорни на меланхолијата и негативните чувства. Тоа е составен дел на животот. Но, како што поминуваат убавите моменти во животот, така ќе поминат и лошите.

Важно е секој момент да го искористите максимално и со мислите секогаш да бидете свртени кон иднината, размислувајќи како да го промените животот кон подобро. Нашите мисли и чувствува влијаат на менталното здравје. Она што во секој момент може да допринесе за добро расположение се размислувањата на што сè сте благодарни. После ова, ќе сфатите дека имате многу работи во животот кои треба да ве исполнуваат и прават среќни.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното