Како ќе функционира „Сејф Сити“ и што ако добиете погрешна казна

Со стартот на имплементацијата на проектот „Безбеден град“, Министерството за внатрешни работи воведува нов модел на контрола и санкционирање во сообраќајот, заснован на автоматизирани технолошки решенија. За функционирањето на системот и за механизмите за заштита на граѓаните, говореше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување во Дневникот на Македонската национална телевизија.

Министерот информираше дека во постојните евиденции за сопственост на возила можно е да постојат неточни податоци, било поради претходно доставени погрешни информации од граѓаните, било поради грешки при внес во системите. Како резултат на тоа, одредени граѓани би можеле да добијат известување или записник за прекршок што не го сториле или за возило што не е во нивна сопственост.

Тошковски нагласи дека во вакви случаи граѓаните ќе имаат јасна и едноставна постапка за исправка. Секој што ќе забележи несогласување ќе може да се обрати во која било полициска станица и да пријави дека станува збор за грешка, по што Министерството, согласно законската процедура, ќе изврши проверка и корекција на податоците во рок од 24 часа. Доколку се утврди дека лицето не го сторило прекршокот, нема да биде прекршочно гонето.

Во рамки на новиот систем, како што истакна министерот, воведен е и дополнителен механизам за заштита на личните податоци. По добивањето СМС-известување за сторен сообраќаен прекршок, граѓанинот ќе пристапува до записникот преку посебен линк, при што за преземање на документот ќе биде потребно внесување на матичен број. Со ова се обезбедува дополнителна автентикација и се спречува доставување на чувствителни информации до погрешно лице.

Тошковски посочи дека, и покрај напредната технологија, не може целосно да се исклучи можноста за технички грешки, кои може да настанат поради надворешни фактори како светлина, временски услови или други околности што влијаат врз читањето на регистарските таблички. И во такви ситуации, нагласи тој, граѓаните ќе имаат право да побараат исправка, која ќе биде направена во најкраток можен рок.

„Не постои совршен систем и не тврдам дека нема да има грешки. Ќе ги има, но тие ќе се коригираат. Овој систем е значително подобар од она што го имавме досега, а неговата суштинска цел е да спасува животи и да ја зголеми безбедноста во сообраќајот. Одговорност треба да сноси оној што го сторил прекршокот“, порача министерот.

Проектот „Безбеден град“ е дел од пошироките активности на Министерството за внатрешни работи насочени кон дигитализација, зголемување на транспарентноста и унапредување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.