Како прво, она што во Европа се случи во текот на 2022 и почетокот на 2023 година беше финансиска криза бидејќи проблемот со кој се соочивме сите беше наглиот пораст на цените на енергенсите. Според тоа изразот „Енергетска криза“ ќе го подразбереме не како недостаток на енергенси туку состојба во која потрошувачката на енергенси претставува зголемен трошок.
И навистина, цената на природниот гас не порасна поради недостаток на ресурсот, туку заради кулминација на долгогодишните разлики помеѓу Европските регулатори за инфраструктура и енергетика од една, и Газпром од другата страна. Европа инсистираше на сигурност во испораките на природен гас од Газпром, а Газпром инсистираше на сигурност на побарувачката на природен гас. И покрај фактот што изразите како што се „сигурност во испорака“ и „сигурност во побарувачка“ воопшто не звучат опасно, во основа се работи за политички разлики од епски размери помеѓу Руската Федерација и западниот свет.
Никој не може да каже какви кризи кои ги засегаат економските оператори во Македонија можат да се случат во иднина. Ако размислуваме за мерките кои компаниите во Македонија би можеле да ги преземат со цел да ги ублажат ефектите од евентуална следна енергетска криза, би можел да го посоветувам следново.
Доколку, хипотетички, следната енергетска криза би била одново со карактер на доволно ликвиден енергетски пазар, но со нагло зголемени цени на енергенсите, тогаш прва мерка која треба да се имплементира и во период без криза е енергетската ефикасност. Овој термин, кој многу често се користи, значи еднаков или зголемен краен ефект при намалена потрошувачка на енергенси. На тој начин, кога индустријата ќе успее да го минимизира нивото на инвестирана енергија во финалниот производ, било кое поскапување на енергенсите нема да го поскапат производот во иста мера. Се разбира, поскапувањето на енергенсите многу веројатно ќе ги поскапи и останатите суровини во различна мера, па за тие случаи може да се заклучи дека енергетски интензивната индустрија може малку да стори да го ограничи негативното влијание од енергетските кризи врз својата продуктивност и конкурентност. Мерките за зголемување на енергетската ефикасност се многу и различни – од воведување подобра термичка изолација за намалување трошокот за климатизација на просторот, преку воведување модерни технологии во осветлението и во апаратната техника во погоните па сé до организирање на заеднички фабрички превоз на вработените.
Следна мерка би била обезбедување сопствени извори на енергија по цена на инвестицијата. Најлесен начин, досега искористен од многу индустриски и компании од комерцијалниот сектор, е инсталација на фотоволтаични системи кои истовремено се релативно евтини за инвестиција, брзо и лесно се инсталираат (почесто на кровови од објекти, но и како самостојни објекти на земјиште) и обезбедуваат исклучиво чиста енергија од обновлив извор – сончевата светлина. На овој начин производствен погон кој троши значителни количини електрична енергија за производство, ќе обезбеди делумна количина енергија од свој извор која енергија истовремено го менува карактерот на потрошувачот од аспект на заштита на животната средина.
Проектираната 10-годишна просечна цена за произведен MWh од фотоволтаичен систем во Македонија би бил во околината на 60 EUR/MWh. Оваа цена е добар начин да се менаџира индустриското производство во кризни времиња. Уште подобар начин за менаџирање на ризикот би била дополнителната мерка од инвестиција и во батериски (т.н. storage) системи. Ова би им овозможило на инвеститорите да ги избегнат несаканите дебаланси при променливото производство на фотоволтаиците поради метеоролошки причини и дополнително би обезбедило извесен дел од произведената енергија да се пласира на пазарот или да се консумира од самиот инвеститор во доцните попладневни часови кога пазарните цени се највисоки.
Овие две инвестиции (фотоволтаици и батериски системи) исто така можат, но само во ограничена мера, да им помогнат на компаниите доколку се случи другиот тип енергетска криза – со недостаток од енергија на пазарот. Во таков несакан развој проблемот ќе се манифестира не само со недостаток на енергија туку и со многу повисоки цени на енергијата која спорадично ќе може да се набави на пазарот. Вакво сценарио сметам дека би било превенирано од самите држави и регулатори со мерки за солидарно споделување на расположивото и солидарно трпење на недостатокот – тоа би бил Европскиот начин на справување со таков тип криза за каква на Европскиот континент нема голема веројатност да се случи.
Од друг тип мерки би предложил домаќинско финансиско работење. Терминот во корпоративниот свет е познат како financial prudency. За овој тип мерки потребна е едукација за корпоративните финансии за да една компанија може да пренасочи извесни средства вон својот јадрен бизнис со цел да направи дисперзија на ризиците и да обезбеди приходи од повеќе активности. Свесен сум дека ова звучи како клише, но во само трите последни години Европа се соочи со две кризи кои тектонски го нарушија начинот на живеење и покажаа дека бизнисите кои беа најчувствителни на пандемијата и војната во Украина останаа без шанси за опстанок освен доколку имале алтернатива за остварување приходи и заштита на тешко стекнатиот капитал.