Папокот е дел од телото на кој често не му обрнуваме доволно внимание. Овој белег кој го добиваме по раѓањето и пресекувањето на папочната врвка треба да се чисти како и секој друг дел од телото. Но, добро е што одржувањето на папочната хигиена е многу едноставно, па ако не сте го практикувале досега, отсега веќе ќе немате причина да го занемарувате.
Вообичаеното туширање не е доволно за чистење на овој дел од телото кој е склон на собирање бактерии (тука се наоѓаат околу 65 различни видови). Папокот треба да го одржувате чист на следниот начин:
Ако имате вовлечен папок, еднаш неделно чистете го со стапче за уши кое претходно ќе го натопите во вода и сапун, а можете и да го пребришете со алкохол.
Ако пак вашиот папок е испапчен, еднаш неделно избришете го со крпата за бањање натопена во вода и сапун.
Зошто е важно папокот да се одржува чист?
Бидејќи во него се собира многу нечистотија и ако се натрупа премногу, може да се развие инфекција пропратена со црвенило, чешање, иритација на кожата како и непријатен мирис.
Ако папокот веќе го зафатила инфекција и не можете сами да ја отстраните со чистење, за помош обратете се кај вашиот матичен лекар или директно кај дерматолог.