Обвинителството веќе нема да бара од Собранието да му се одземе имунитетот на пратеникот Трајко Вељаноски, осомничен за организирање на настаните од 27 април. Ова, за ТВ21 го потврди и обвинителката на предметот, Вилма Рускоска.
Но, дали ова значи дека Обвинителството целосно ja изгуби надежтa дека Собранието ќе му го одземе имунитетот на опозицискиот пратеник?
Рускоска вели дека е чудно што на Вељаноски не му е одземен имунитетот, уште повеќе што тоа не се случи ниту со пратеникот Љупчо Димовски, за кој иако комисијата донесе одлука за одземање на имунитетот, Талат Џафери воопшто не ја стави на дневен ред. Иако вели дека е чудно, Рускоска тврди дека како обвинителка нема сознанија за можни политички пазари меѓу политичките сили. Но, од друга страна пак, Сурија Рашиди, се сомнева дека постојат такви пазари.
-Каде ја поддржуваме дилемата дека станува збор за политички пазари? Доколку тие политички актери се договориле преку Законот за амнестија да амнестираат неколкумина пратеници кои ги отворија вратите на Собранието. Доколку се договориле да амнестираат неколкумина други пратеници преку интервенции во Кривичниот законик. Доколку се договориле преку најавата за Законот за СЈО чија цел е всушност да спаси неколкумина осомничени, особено од редовите на ДУИ, од нивното криминално и корумпирано минато, тогаш зошто да не го направиле овој пазар за да го спасат Трајко Вељаноски од притвор, но и од судскиот процес кој се води за ова прашање? – прашува Рашиди.
Можните политички пазари, потпретседателот на Собранието и пратеник на СДСМ, Горан Мисовски, ги нарекува шпекулации.
Екс-собранискиот спикер и актуелен пратеник, Трајко Вељаноски, како и четворица други се осомничени за организирање на настаните во Собранието на 27 април. За Вељаноски, кој ги отфрла обвиненијата, Обвинителството пред три недели побара притвор, но го спаси пратенички мандат и неговите колеги пратеници. Истражната постапка е во тек, а Вељаноски останува на слобода.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ