Како Виктор Орбан ги загуби унгарските избори?

Виктор Орбан веројатно претчувствувал што му се подготвува. Кога американскиот потпретседател Џеј Ди Венс минатата недела застана покрај него и прогнозираше дека унгарскиот премиер во недела повторно ќе однесе изборна победа, Орбан само одмавна со раката, како да порачува: „Не сум баш сигурен“. Откако на почетокот на 2024 година на политичката сцена се појави неговиот предизвикувач Петер Маѓар, унгарскиот лидер беше сведок на пад на поддршката, а анкетите во пресрет на изборите на 12 април го сместуваа далеку зад противникот.

Во меѓувреме, опозицијата се обедини зад Маѓар со единствена цел: да го сруши Орбан и неговата владејачка партија Фидес. Пренесуваме преглед на клучните причини поради кои унгарскиот премиер ја изгуби власта по 16 години, пишува Politico.

Губење на довербата кај јавноста

Падот на Орбан започна во 2024 година, откако неговата влада помилува поранешен заменик-директор на детски дом, осуден за прикривање на сексуална злоупотреба на деца. Скандалот што следеше го поттикна Петер Маѓар — тогаш среднорангиран државен функционер и член на Фидес — на јавен бунт против премиерот, што изведе илјадници демонстранти на улиците.

Неговиот медиумски настап вклучуваше и објавување на аудиоснимка на која неговата сопруга Јудит Варга, тогаш штотуку принудена на оставка од местото министерка за правда, опишува наводно мешање на владата во тој случај.

Овие обвинувања го срушија имиџот на Фидес како заштитник на децата. Тоа предизвика „морална криза на една морализаторска влада“, оцени Петер Креко, директор на независната консултантска куќа Political Capital. „Од тој момент стана прилично јасно дека што и да направи или каже владата, тоа има сè помал одглас во јавноста.“

Пораз на терен

Маѓар ја искористи аферата со помилувањето од 2024 година како отскочна штица за тогашните избори за Европскиот парламент. По серијата протести, тој тргна на турнеја низ целата земја, посетувајќи ги селата и градовите низ Унгарија за да ја заобиколи контролата на Фидес врз повеќето медиуми. На крајот, освои седум од 21 унгарско место во Европскиот парламент.

Кога Маѓар годинава тргна во нова турнеја, Орбан започна своја — прва серија на јавни собири по неколку години одржување строго контролирани настани зад затворени врати. Не само што не успеа да собере ни приближно толку луѓе како Маѓар, туку често го пречекуваа и демонстранти.

Во март, Орбан избувна пред публиката која го исвирка, обвинувајќи ја дека сака „влада наклонета кон Украина“ и дека има намера да им ги даде унгарските пари на Киев.

Снимката од испадот на премиерот стана вирална. Тоа беше моментот, „кога виде стотици луѓе како му свиркаат додека е на сцената“, во кој Орбан веројатно првпат сфати дека неговата поддршка не е безусловна, смета Викторија Сердулт, искусна новинарка на неделникот HVG, која ја следи унгарската политика повеќе од две децении. „Тој не најде вистински начин да се справи со тоа.“

Неуспех во надворешната политика

Орбан ја стави надворешната политика во центарот на својата кампања. Го обвинуваше Киев дека планира да го постави Маѓар како своја марионета и дека ја саботира економијата со прекин на снабдувањето на Унгарија со руска нафта. Тврдеше дека Маѓар ќе ги испрати Унгарците во војна во Украина и ја критикуваше ЕУ поради обидот со пари на унгарските даночни обврзници да го поддржува Киев.

Со тоа се изложи на пресврт во наративот кога се појавија извештаи за руско мешање во кампањата, заедно со откритието дека министерот за надворешни работи Петер Сијарто споделувал интерни дискусии на ЕУ со својот московски колега Сергеј Лавров.

За Орбан, кој ја започна политичката кариера во 1989 година со барање за заминување на советската војска, тој пресврт беше тежок удар. Изреката „Руси, одете си дома“ брзо се рашири како слоган против Орбан.

Економска криза

Со приближувањето на изборите, економската криза во земјата стана централна тема. Растот со години стагнираше додека инфлацијата растеше, а реалните плати паѓаа. Кризата со трошоците за живот, заедно со хроничното недоволно инвестирање во образованието и здравството, кај многумина создаде чувство дека владата на Орбан веќе не ги исполнува своите ветувања.

„Луѓето гледаат дека ова не е функционална влада“, рече Петер Марки-Зај, кој ја водеше кампањата против унгарскиот премиер во 2022 година. „Тоа се промени. Толку многу го мразат Фидес“, додаде тој. „Тоа не беше случај пред четири години.“

Битка за социјалните мрежи

Орбан доминираше во традиционалните медиуми, каде Фидес, според проценките, контролира околу 80 проценти од медиумскиот простор преку поставување лојални кадри во јавните сервиси и овозможување на претприемачи поврзани со Фидес да преземат стотици регионални и национални медиуми. Но, на социјалните мрежи брзо беше надминат.

Фејсбук е најпопуларната социјална мрежа во Унгарија, со околу 4 милиони посети во февруари 2026 година, во земја со 9 милиони жители. Откако Мета го забрани политичкото огласување, Фидес — дотогаш најголемиот трошач на политички огласи — се најде во неповолна положба бидејќи Маѓар и неговата партија Тиса се пробија со вирални видеа и директно обраќање до гласачите.

Орбан има 1,6 милиони следбеници, а Маѓар 930.000. И покрај тоа, Маѓар во март имаше 287 објави кои генерираа повеќе од 14 милиони интеракции — речиси двојно повеќе од 7,8-те милиони на Орбан од 342 објави, според статистиката што ја објави Телекс на 3 април. Владата го обвини Фејсбук дека го забавува досегот на профилите поврзани со Фидес, што компанијата го демантираше.

Отуѓување на младите гласачи

Најголемата погрешна проценка на Орбан можеби беше отуѓувањето на младите гласачи, меѓу другото и со задушувањето на ноќниот живот во Будимпешта. Анкетите покажуваат дека младите масовно му свртеа грб, а приближно две третини од нив ја поддржаа опозицијата.

„Ви благодарам што ја вративте надежта, надежта за промена“, порача Маѓар во својот победнички говор, обраќајќи им се на илјадниците млади собрани пред него. Во пресрет на самите избори, Орбан упати последен апел до младите гласачи. Призна дека изминатите години за нив биле „неправедни“ и порача дека ја разбира нивната желба за „бунт“, но ги повика незадоволството да го насочат против Брисел.

Исто така вети дека ќе го спречи Киев да ја вовлече унгарската младина во војна и најави намалување на даноците. Беше премногу доцна. Младите во неделата навечер ги преплавија улиците на Будимпешта за да го прослават неговиот пораз.