Калиопи на денешната прес-конференција говореше за името на салата во која во октомври треба да одржи концерт, по што следуваше реакција од директорот на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, Даниел Апостолоски.
„Само Република Македонија без предавки“, порача Калиопи, осврнувајќи се на прашањето за именувањето, а зборуваше и за називот на арената.
„За мене арена ќе остане секогаш Борис Трајковски Арена, да знаете. Ако сме дале име на нашиот претседател, да го насловиме тоа што го кажуваме. Мора да сфатиме дека ако нашето не си го сакаме, не може ни другото“, рече Калиопи.
На нејзината изјава реагираше директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Даниел Апостолоски, кој посочи дека името на спортскиот центар останува „Борис Трајковски“.
„Во неколку наврати кога ја официјализиравме и објавивме соработката со Македонски Телеком, потенцирав дека името на спортскиот центар останува „Борис Трајковски“. Тоа е нешто од кое што ниту јас, ниту било кој може и смее да отстапи“, напиша Апостолоски.
Тој објасни дека „Т Арена“ е назив конкретно на салата во која се одржуваат концертите, а не на целиот спортски центар.
„„Т Арена“ е називот конкретно на салата каде што се одржуваат концертите, што значи не е име на спортскиот центар, кој не е само арена, туку со многу други пропратни елементи и содржини“, наведува директорот.
Апостолоски додава дека, имајќи предвид дека Калиопи настапувала во бројни спортски и концертни сали во светот, верува дека таа е запознаена со практиката салите да носат назив поврзан со бренд или актуелен спонзор.
„Верувам дека лоша намера не постои, но сепак менаџирањето и функционирањето на спортскиот центар е нешто кое е наша должност“, посочува тој.
Реакцијата на директорот доаѓа во пресрет на концертот на Калиопи, кој треба да се одржи во октомври токму во салата која во рамките на спонзорскиот договор го носи називот „Т Арена“.
Апостолоски на крајот порача дека спортскиот центар ќе ги обезбеди условите за концертот.
„Се гледаме во „Т Арена“ во СЦ „Борис Трајковски“!“, напиша тој.