По серијата забелешки и коментари во јавноста во врска со судските случаи кои се однесуваат на сообраќајката на улицата „Партизанска“ во Скопје, во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова, претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, денеска објави дека утре ќе биде формирана комисија која ги разгледува сите списи на предметот.
Според Камбовски, Судскиот совет ќе ја анализира целокупната документација за да утврди дали имало какви било пропусти во претходните судски постапки. Тој додаде дека утре, формално, ќе биде формирана специјална комисија која ќе се занимава со овој предмет и ќе донесе конечен став.
„Започнавме со разгледување на случаите, а утре ќе формализираме комисија која ќе изврши увид во сите списи. По тоа, ќе излеземе со став дали има пропуст или не. Се разгледуваат сите забелешки кои беа изнесени во јавноста и ќе постапиме по нив“, изјави Камбовски.
Претседателот на Судскиот совет потенцираше дека за било какви пропусти во судската процедура, ќе се преземат соодветни мерки, во согласност со законот и судската етика.