Партијата на Красимир Каракачанов не запира со провикации кон Македонија. Во најновиот предизборен спот на ВМРО-БНД се прикажуваат кадри од Охрид преку кои партијата испрака порака за одбрана на бугарштината.
И покрај тоа што ова не е прва провокација од Каракачанов кој и за време на претходната предизборна кампања објавуваше спотови дека Македонија е бугарска, македонското МНР утрово испрати остра реакција.
Во напорите за засилување на дијалогот и зацврстување на довербата, сето во функција на унапредување на добро соседските односи, објавувањето на предизборни спотови во кои се изразуваат територијални претензии и еднострани чувства за припадност и присвојување кон друга соседна држава, не е во духот на градење пријателство и почитување на европските вредности, за кои заедно толку многу се заземаме.
– Очекуваме официјалните претставници на Република Бугарија да се оградат и ги осудат ваквите настапи на една од потенцијалните политички учесници во највисокиот дом на Бугарија, се вели во реакцијата на МНР.
И во утринското гостување на бугарското радио Фокус, Каракачанов бара Македонија да ја смени политиката кон Бугартија ако сака поддршка за европската интеграција.
– Ние ќе ја поддржиме Македонија за членство во Европската унија само кога таа ќе ја корегира својата непријателска политика кон Бугарија. Постојат сериозни грижи дека новата влада ќе ја смени својата политика кон Македонија, вели Каракачанов, кој и покрај негативната кампања кон земјава на претходните избори не успаеа да освои ниту еден пратеник.
Неговите пораки доаѓаат на само 2 дена пред повторените избори во Бугарија кои според сите анкети ќе бидат и едни од најнеизвесните со оглед на тесната трка помеѓу партиите ГЕРБ на Борисов и Има таков народ на шоуменот Трифонов.
Формирањето на политичка Влада во Бугарија го очекува и Македонија за продолжување на разговорите кои треба да ја одблокираат евроспката интеграција на земјава.
