Картел меѓу 10 осигурителни компании: Координирано го поскапиле задолжителното авто-осигурување

Картел од десет осигурителни компании координирано ја зголемил цената на задолжителната авто-полиса, утврди Комисијата за заштита на конкуренцијата. За прекршокот се изречени глоби во вкупен износ од 17.266.930 денари.

Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата утврди дека најголемите друштва за неживотно осигурување паралелно ги усогласувале цените и истовремено ја зголемиле премијата за задолжителното осигурување од автомобилска одговорност (АО). Станува збор за компаниите: „Евроинс осигурување“, „Триглав осигурување“, „Македонија Скопје – Vienna Insurance Group“, „Сава осигурување“, „Еуролинк“, „Граце“, „Уника“, „Осигурителна полиса“, „Халк осигурување“ и „Кроација осигурување“.

Според Комисијата, во периодот од 1 март до 7 мај 2024 година компаниите разменувале чувствителни деловни информации и координирале активности, по што за кратко време донеле идентични одлуки за зголемување на делот од премијата што се пресметува како „режиски додаток“. Во решението ова однесување е оценето како ограничување „по своја цел“, што претставува една од најтешките форми на повреда согласно член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата.

Практичната последица од ова усогласено делување беше јасна: цената на задолжителната авто-полиса, која не беше менувана 15 години, од 25 април 2024 година се зголеми за 15,44 проценти за возила со моќност над 44 киловати. За дел од возачите тоа значеше повисока цена од неколку стотици до 1.600 денари при регистрација. Но, помножено со повеќе од 700.000 возила во земјата, поскапувањето резултираше со милионски трошок што го понесоа граѓаните.

Од истиот момент се појавија сомнежи дека растот на цените не е резултат на пазарни движења, туку на усогласена стратегија меѓу компаниите. Иако осигурителните друштва заеднички тврдеа дека поскапувањето е оправдано поради долгогодишното зголемување на трошоците, регулаторот и дел од експертите предупредуваа дека синхроните промени во цените претставуваат сигнал за можен картел.

Одлуката на Комисијата сега ја потврдува таа сомнежa: не станувало збор само за „усогласени деловни практики“, туку за договарање на пазар во кој граѓаните немаат алтернатива, бидејќи полисата за автомобилска одговорност е задолжителна.

Се отвора и важно прашање – што ќе се случи со средствата што возачите веќе ги платија во периодот на зголемените цени? Во одлуката не е наведено дали постои можност за враќање на разликата, па останува на институциите да го утврдат следниот чекор. Засега е јасно само дека изречените глоби од 17,2 милиони денари се далеку од вистинска финансиска „казна“ за сектор во кој годишно циркулираат десетици милиони евра.

Компаниите имаат право да ја оспорат одлуката пред суд, па процесот ќе продолжи и таму. Но сигналот што Комисијата го испраќа до пазарот е недвосмислен: координираното зголемување на цените и размената на чувствителни информации нема да останат незабележани.

За возачите, овој случај е уште една потврда дека трошоците поврзани со автомобилот речиси секогаш доаѓаат без реална можност за избор – од задолжителното осигурување до акцизите и техничките прегледи. Доколку институциите не ја искористат оваа одлука како основа за подлабоки реформи во секторот, ризикот од повторување на вакви практики останува висок.