Македонија

Касами: Барањето за предвремени парламентарни избори е барање на мнозинството граѓани

Касами: Барањето за предвремени парламентарни избори е барање на мнозинството граѓани

Лидерот на Беса Билал Касами реагираше на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски кој рече дека „процеси што се од стратешко значење не можат да бидат предмет на уценување“, во одговор, пак, на вчерашната изјава на Касами дека Беса ќе ги поддржи измените на Уставот, под услов власта да се согласи на одржување предвремени парламентрани избори следната пролет.

„Јас под уцени не функционирам и под притисоци. Тоа беше така од прв ден, така е и денес. Избори ќе има во 2024-та година и тоа е веќе апсолвирано прашање. Прашањето за Уставни измени е сериозно, тоа е државничко прашање, затоа што значи заокружување на процесот за отворање на кластерите во отпочнатиот процес на преговори со ЕУ“, вели Димитар Ковачевски.

Касами, како што вели, разбира дека премиерот Ковачевски е во незавидна ситуација и немајќи политички капацитет и легитимитет да ја води Владата, тој ги толкува различно политичките позиции на Движењето БЕСА.

-Барањето за предвремени парламентарни избори е барање на мнозинството граѓани бидејќи оваа влада не произлегува од легитимитетот добиен од последните парламентарни избори, затоа премиерот не треба да меша тези за уставни измени и предвремени избори, стои во реакцијата.

Додека кога зборуваме за уставните измени, се додава во соопштението, Беса уште еднаш го потврдува својот став дека бара да се отстрани терминот „20 проценти“ и да се замени со терминот „албански јазик“, се наведува во реакцијата на Касами.

-Почитуван премиере, секој што е против јазикот на еден народ, особено во околностите на Северна Македонија, нужно е против европските вредности и Европската Унија, стои во реакцијата на Касами.

Во однос на ставот на Беса за уставните измени, Ковачевски повтори дека не функционира под притисоци и уцени, нагласувајќи дека изборите ќе бидат во 2024 година и тоа е веќе апсолвирано прашање и оти не е фер кон граѓаните вакви клучни прашања да бидат предмет на дневна политика, да бидат предмет на борба за некакви ситни поени.

Ова, посочи тој, не е последната одлука до зачленување на Северна Македонија во ЕУ, додавајќи дека уште тешки одлуки ќе има на тој пат, кој појасни дека е неповратен процес и единствено може да биде закочуван од страна на оние коишто се противат на членството на Северна Македонија во ЕУ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни