Партијата ВРЕДИ најавува дека во претстојните разговори со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе се отвори прашањето не само за промена на државниот грб, туку и за измена на химната и вклучување на албанскиот јазик во Уставот. Ова денеска го истакна лидерот на ВРЕДИ, Биљал Касами, кој потенцираше дека тоа се европски вредности, во кои влегува и унапредувањето на албанскиот јазик.
– Сакаме да го отсликаме новото време, а тоа е Македонија да биде дел од европското семејство. „Ќе бевме подготвени да разговараме за пакет каде што секако ќе се разгледуваше грбот, прашањето за химната, но и прашањето за другите уставни измени поврзани со унапредувањето на албанските права или прашањето за несоодветното дефинирање на албанскиот јазик во уставот, како јазик на 20 отсто“. – Касами.
Од друга страна, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изрази резервираност кон идејата за промена на државниот грб, оценувајќи дека тој ја отсликува државата во целост. Дополнително, тој постави прашање дали евентуалниот пакет преговори би вклучувал и промена на химната, како и други барања на кои, според него, СДСМ не би дало поддршка.
Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека темата за промената на грбот не е нова и дека постои уште од времето кога ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беа заедно во владата. Сепак, тој не прецизираше дали во тековните разговори навистина ќе се отвори и прашањето за химната и унапредувањето на албанскиот јазик, како што најавува ВРЕДИ.
Останува да се види дали овие прашања ќе бидат дел од пошироката политичка дебата во пресрет на локалните избори, со оглед на тоа што во партиските кругови веќе се спроведуваат анкети за можните кандидати за градоначалници и советници. Во тој контекст, Филипче на денешниот брифинг најави дека на почетокот на март СДСМ ќе излезе со првични информации за кандидатите, а не ја исклучи можноста за коалиции со ВМРО-ДПМНЕ во одредени општини доколку се постигне договор.