Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, повторно отворено се заложи за масовно иселување на Палестинците од Појасот Газа, истакнувајќи дека Израел очекува поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп за овој план. На конференција во организација на медиумите „Ynet“ и „Yedioth Ahronoth“, Кац изјави дека без ваквата миграција нема трајно решение и дека израелските власти се подготвени да организираат заминување на населението по морски, воздушен и копнен пат.
Според неговите зборови, американската поддршка е клучна за другите земји да се убедат да ги примат Палестинците, тврдејќи дека Трамп не ја откажал оваа идеја, туку само привремено ја замрзнал.
Покрај изјавите на Кац, од Израел доаѓаат уште неколку силни пораки:
- Итамар Бен-Гвир: Министерот за национална сигурност се пофали со драстично влошените услови за палестинските затвореници во израелските затвори, изјавувајќи дека ги поддржува строгите мерки и дека „времето на добри услови во затворите е завршено“.
- Бенјамин Нетанјаху: Премиерот го посети воениот пункт долж таканаречената „жолта линија“ во Газа, порачувајќи дека израелската војска нема да се повлече од таа позиција сè додека Хамас не биде целосно развооружен и Газа демилитаризирана.
Засега нема официјален одговор од Белата куќа околу тоа дали Трамповата администрација сè уште преговара за овие предлози, кои претходно наидоа на остри меѓународни осуди и предупредувања за потенцијалнивоени злосторства.