За регуларност на изборите одговорни се сите кои на било каков начин се вклучени во изборниот процес, а особено од кандидатите кои се во трката за претседателските избори. Ова го истакна претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски во интервју за ТВ21, откако лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по лидерската средба со Зоран Заев изрази сомневање дека изборите ќе бидат регуларни. Дерковски вели дека ДИК која е надлежна за спроведување и организирање на изборите ќе направи се што е потребно за изборите да изминат во најдобар ред.
„Јас се надевам дека Изборите ќе бидат регуларни, но тоа ќе зависи од сите чинители во изборниот процес. Значи Државната изборна комисија е само еден фактор, еден чинител во целиот изборниот процес а бидејќи сега се претседателски избори во кои има политичка конкурентност и имаме тројца учесници кои обезбедија услови со собирањето потписи за кандидат за претседател на државата, од сите нив ќе зависи дали изборниот процес ќе биде успешен или неуспешен“, изјави Оливер Дерковски, претседател на ДИК.
Мицковски во неделата, но и во целиот изминат период постојано фрла сомнеж во регуларноста на претстојните претседателски избори и вели дека не е убеден дека ќе има кредибилен изборен процес што било покажано и на гласањето на референдумот.
„Укажавме на оние случувања кои што беа за време на референдумот, гласање за 2,4 секунди, излезеност поголема од 95 проценти притисокот кој што одредени медиуми полуофицијално И официјално ни го пренесуваа така што генерално сите тие наши забелешки во оној прв дел од разговорот што би значел еден кредибилен изборен циклус за претседателските избори ги изнесовме. Дополнително потенциравме изборни места каде што имаме докази за неправилности за време на референдумското изјаснување“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Наспроти него пак, премиерот Заев тогаш изјави дека сите ќе придонесат да имаме, како што рече, кристално чисти избори, пред отворање на поглавјата и добивање покана за започнувањето на преговорите со Европската унија во јуни.
РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА